Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.29

Политичка злоупотреба на децата - Поднесена Претставка до Нaродниот Правобранител


Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, Република Македонија упати претставка до г. Иџет Мемети, Народен правобранител поради политичка, партиска и воена злоупотреба на децата за агитирање и кампања од страна на деца (помали од 14 години) за влез на Македонија во НАТО. Организатор на кампањата беше Детската амбасада за сите деца во светот од Прилеп а покровител министерот за одбрана на Република Македонија г.Лазар Еленовски.


 Првата детска амбасада во светот – Меѓаши  поради овој типичен пример на кршење на правата на детето побара министерот Лазар Еленовски да поднесе оставка, а Детската амбасада за сите деца од Прилеп која треба да се грижи за заштита на правата на детето да се избрише од Регистерот на здруженија на граѓани и фондации. 

Во прилог Ви доставуваме членови од Уставот на Република Македонија, Законот за заштита на децата и Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, кои Првата детска амбасада во светот – Меѓаши смета дека се повредени со  вклучувањето на децата во политички цели  при одбележувањето на денот на АРМ, каде децата беа вклучени во агитирање и политичка кампања за влез на Македонија во НАТО со мотото “Македонија во НАТО -ние децата нивно злато“.

Спред наше мислење повредени се:

- чл. 3 од Конвенција за правата на детето

- чл. 42 од Устав на Република Македонија

Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

- чл. 118 од Устав на Република Македонија

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

- чл. 9 од Законот за заштита на децата  (Сл.весник бр.98/2000 од 23.11.2000 година)

Се забранува политичко или верско организирање и дејствување и злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

- чл. 3 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите
(Сл.весник бр. 31/98 од 02.07.1998 година)

Здруженијата на граѓани и фондациите не можат да вршат политички активности или да го користат својот имот и средства за остварување на цели на политичките партии

Собранието на Република Македонија ја има усвоено Декларацијата за заштита на правата на детето од политичка манипулација и злоупотреба донесена  во 1991.

Очекуваме Народниот правобранител да не информира за преземените активности.