ЗАЕДНО ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ 2006 годинаСо цел да се даде придонес кон транспарентноста на работата на граѓанските организации, како придонес кон подобрување на ефективноста на граѓанскиот сектор, група граѓански организации, 8 членки на Граѓанската платформа на Македонија, одлучија доброволно по третпат да ги објават годишните извештаи, вклучувајќи ги финансиските извештаи со независните ревизорски мислења по тие извештаи.
Објавувањето го прават доброволно, бидејќи немаат законска обврска, но сметаат дека имаат морална обврска пред јавноста да дадат отчет за своето работење. Најчесто тоа се практикува (а и е законска обврска) во деловниот сектор. Дополнителна мотивација за продолжување на традицијата е поставување на повисоки стандарди пред себе си и пред другите. Овие стандарди неминовно ќе биде потребно да ги задоволиме и да ги подигнуваме на повисоко ниво во напорите за интеграција на нашата земја во Европската Унија. Затоа ги повикуваме и другите граѓански организации, единиците на локалната самоуправа, јавните институции, државната власт, политичките партии и сите други субјекти да дадат свој придонес во јакнењето на одговорноста и отчетноста пред граѓаните и да ги објавуваат годишните извештаи, финансиските извештаи и независните ревизорски мислења по тие извештаи.
Активноста “Заедно за транспарентност” ќе се реализира во јули и е дел од проектот “Поддршка на национален форум/платформа за граѓанско општество”, финансиран од ЕУ и раководен од ЕАР, а се спроведува со финансиско учество на сите вклучени организации.
|
|