Дневен центар за деца На улица/ Улични деца Наскоро во рамките на Детската амбасада Mеѓаши ќе биде отворен Дневен центар за деца на улица. Центарот ќе почне да функционира најдоцна за два месеца, а ќе има капацитет за 30 деца.
Во Скопје, во моментот работат два дневни центри што е малку со оглед дека во Скопје има над 1000 деца кои го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа. Оваа бројка на ниво на Македонија, според сознанија на Детската Амбасада, е преку 2000.
Целната група, односно деца кои ќе го посетуваат овој центар се малите жители на "картон населбата" покрај Вардар, во населбите Аеродром и Ново Лисиче, на возраст од 6 до 14 години. Тие живеат во многу лоши хигиенски услови. Затоа, во Дневниот центар не само што ќе ги посетуваат работилниците и ќе стекнуваат основни знаења, туку ќе можат да ги задоволат и своите основни хигиенски потреби, односно да се искапат и да добијат чиста облека. Деновиве пристигна и решение од Министерството за труд и социјална политика со кое на Детската Амбасада и се одобруваат средства за функционирање на овој центар.
Според досегашните истражувања и анкети, околу 30 отсто од децата кои живеат на улица се деца без родители, но има и деца со еден родител, на разведени родители, или такви кои потекнуваат од семејства со нарушени семејни односи. Ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни, околу 58 отсто, се Роми. Загрижува и сознанието дека 15,5 отсто од децата на улица се од предучилишна возраст, 64 отсто на возраст од 7 до 14 години.
Извор ВЕЧЕР
Доколку сакате да го поддржите дневниот центар за деца на улица, можете да донирате 50,00 денари на 075/ 14 34 24 или 100,00 денари на 070/14 34 24
|