Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.28


12. јуни - Меѓународен ден против злоупотреба на детскиот труд


По повод Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд,  Детска Амбасада потсето дека, и покрај тоа што Република Македонија пред 6 години ја ратификуваше Конвенцијата против злоупотреба на детскиот труд, состојбата и понатаму е повеќе од алармантна. Над 18.000 деца не се вклучени во системот на образование, а најмалку 1.000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа и надзор.
 
Во досегашните истражувања и анкети правени низ Македонија, децата кои се на улица, се поделени во неколку групи: деца без родители, деца со еден родител, деца на разведени родители, деца во нарушени семејни односи. Околу 30% од децата на улица,  се деца без родители.

Децата на улица во Република Македонија ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни - 58%, се Роми. Исто така, загрижува и сознанието дека: 15,5% од децата на улица се од предучилишна возраст, 64% на возраст од 7 до 14 години, 88, 5 % манифестираат социјално неприфатливо однесување, а 11, 5% имаат толерантно социјално однесување (според Заводот за социјални дејности во Скопје).


 Злоупотребата на детски труд подразбира работа на деца кои се под возраста одредена со закон. Но напоменуваме дека, злоупотреба на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална сексуална злоупотреба  (детска проституција и порнографија), трговија со деца, деца војници.

Во светот има приближно 246 милиони деца, на возраст од 5-17 години, чиј труд се злоупотребува. Тоа е речиси популацијата на САД (293,027,571)! Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години.