Почетна » Активности » Изминати активности » Градење култура на детско учество


Прва национална конференција за детско учество

 

  

Првата детска амбасада во светот Меѓаши организираше Прва национална конференција за детско учество, во вторник, 16 Март 2010 година во Младинскиот културен центар, кино Фросина, со почеток во 11:30 часот. Конференцијата беше дел од проектот Градење култура на детско учество, финансиран од Европската Унија, а кофинансиран од УНИЦЕФ.

Проектот Градење култура на детско учество започна во Декември 2008 година и опфати изработка на четири Алтернативни извештаи за состојбата со правата на децата во Република Македонија, од кои три беа изработени од Националната коалиција за правата на децата, а еден од самите деца. Овие извештаи беа презентирани пред Комитетот за правата на децата во Женева на 3 Март 2010 година.
  

Првата национална конференција за детско учество е прва од ваков вид во Македонија и е настан на кој децата го претставија процесот на подготовка на нивниот Алтернативен извештај, ги презентираа податоците од истражувањето кое го спроведоа за потребите на извештајот, главните заклучоци и препораки за подобрување на состојбата со правата на децата во Македонија, како и презентирањето на извештајот на посебна сесија со Комитетот за правата на децата во Женева. Конференцијата беше организирана и водена од самите деца, што претставува директна примена на детското учество во практика. 
  

На конференцијата збор имаше М-р Драги Змијанац, Извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Свое обраќање до публиката имаа и Неговата Екселенција г-н Ерван Фуере, амбасадор на Европската Унија, г-н Шелдон Јет, шеф на мисијата на УНИЦЕФ во Република Македонија, г-ѓа Невена Крушаровска, Заменик Народен правобранител, претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука и г-ѓа Кети Јандријеска Јованова од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија.

На конференцијата присуствуваа претставници од амбасадите, општествени институции, локалната самоуправа, партнерски и други граѓански организации и медиуми.

 

За време на Првата Национална конференција за детско учество се оддржа аукција на која беа продадени предмети во вредност од 3340 денари. Овие средства ќе бидат искористени за формирање на фонд за поддршка на детското учество во Република Македонија. """