Почетна » Активности » Изминати активности » Глобална недела на акција 2009/2010

ПРИКАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА КНИГАКОЛЕ АНГЕЛОВСКИ.

Многу сакав да бидам глумец! Уште како дете, низ маалото игравме театар, со кукли што самите ги правевме, со черги наместо завеси, со клупи наместо столици и со огромна верба во тоа што го правевме. Потоа станав член на детската радио драма при Радио Скопје и учествував во голем број радио емисии за деца..и така глумата полека стануваше дел од мојот секој дневен живот. Но да се биде глумец без образование, многу е тешко..може, ама тешко е. Откако завршив основно училиште во „ Кирил и Методи“, осмолетка во „ Браќа Миладинови“ и гимназија „ Цветан Димов“, решив да се запишам на театарската академија во Белград. ( Во Скопје тогаш немаше академија) Татко ми, инаку свештеник и мајка ми учителка, горди што дочекаа синот да им оди на студии, дојодоа да ме испратат на вечерниот воз што одеше за Белград. Старата железничка станица, ( подоцна срушена во земјотресот, а сега е музеј на град Скопје) беше исполнета со луѓе, едни патува, други испраќаа, некој доаѓаа..

Тогаш луѓето многу патуваа со воз, имаше некоја голема возбуда во возот..Парна локомотива, огромни колца што ги движат некакви лостови..писок од локомотивата и возот те носи некаде далеку, во нови простори, во други градови, меѓу непознати луѓе. За мене и ден денес, вистинско патување е патувањето со воз.

И стоиме така, со татко ми и мајка ми, на перонот, моите ми даваат последни совети за големата авантура што се вика театарска академија, кога ни приоѓаат некои луѓе..

- Отец Боро, каде?

- Еве го испраѓам синот во Белград.

- Во Белград, браво..

- На студии...

- На студии, браво!

- На театарска академија..

- Театарска академија?! Е ако, и тоа е школо..

Еј, не ми се веруваше, луѓево разочарани што ќе одам на театарска академија..

Некако повеќе од инат, меѓу 170 кандидати, го положив приемниот испит и се запишав на прва година. Бевме 17 студенти, по прва година останавме 11, завршивме 7..Професорите на академијата беа во самиот врв на Југословенската култура, задовлоство беше да се оди на часови и од нив научив многу. Имав среќа, веќе на прва година, да бидам ангажиран во филмот „ Саша“ за една од главните улоги..Благодарејќи на академијата, подоцна снимив четириесет играни филмови, кои и ден денес, после толку години, се уште се прикажуваат по разни телевизии, благодарејќи на академијата, добив стипендија за пост дипломски студии во Франција, станав глумец во Драмскиот театар во Скопје, одиграв голем број улоги и на телевизија, изрежирав 110 театарски претстави,

( околу триесетина претстави за деца) неколку филма, многу телевизијски емисии, благодарејќи на академијата, пропатував по многу земји по светот, се сретнав со многу значајни личности, добив многу награди и признанија и затоа, како што на времето не учеа, не случајно е таа реченица: ЗНАЕЊЕТО Е СИЛА, ЗНАЕЊЕТО Е МОЌ, УЧИТЕ ДЕЦА И ДЕН И НОЌ!

А за се друго, има време!