Почетна » Информатори и публикации » Информатори » Информатор бр.36 » Дневен центар за деца кои не одат на училиште во општина Аеродром


Дневен центар за деца кои не одат во училиштеЗа потсетување ... Дневниот центар за деца кои не одат на училиште функционира во Детската амбасада од јуни 2007. Дневниот центaр во 2007. само 6 месеци беше финансиски поддржан од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, а од 2008. Досега работи со поддршка од бизнис секторот и граѓаните.

Од исклучително важно значење за овие деца е продолжувањето на работата на Дневниот центар за да не го изгуби ефектот сето она што досега е направено. Децата веќе стекнаа навика да доаѓаат тука, редовното доаѓање им беше многу значајно и дури бараа почесто да го посетуваат Дневниот центар. Имајќи предвид во какви услови живеат доаѓањето во Дневниот центар е можност и за намалување на штети. Понекогаш во центарот доаѓаа и помалите членови на семејството со цел да се избањаат, да добијат барем една ужинка во денот и да поминат малку време во топла просторија. Учеството во работилниците покрај овие активности им овозможува да се изразат себе си, да ги развијат своите капацитети кои средината не им дозволува и да научат нови корисни работи. Децата и нивните семејства исто така добиваат облека, обувки (како донации од граѓаните), обезбеден им е полесен пристап до здравствената заштита и остварување на нивите права...

Бидејќи бројот на децата на улица на територија на Скопје е околу 1000, ние овозможуваме згрижување на децата кои не одат на училиште а кои живеат на територијата на Општина Аеродром  каде всушност се наоѓа и Детската амбасада. Многу е значајно за оваа целна група Дневниот центар и физички да биде поблиску до местото на нивно живеење. Така не само децата туку и останатите членови на семејствата ги користат услугите на нашиот Дневен центар. Децата кои не одат на училиште, се изложени на здравствени ризици бидејќи имаат многу малку облека на нив особено во зима. На здравствени ризици се изложени и поради условите во кои живеат. Имено најголем дел од нив живеат во импровизирани куќи од картонски кутии и најлони, без струја и вода, без санитарни чворови. Поради лошите економски услови децата не се хранат редовно, ниту квалитетно.

Главна цел на Дневниот центар е да им се овозможи на децата на улица и уличните деца инклузија во општеството, психо-социјална поддршка и интервенција преку вонинституционална форма на социјална заштита. Во рамките на Дневниот центар се нудат најразлични услуги во зависност од потребите на децата (одржување на хигиената, овозможување примарна здравствена заштита, групна социјална работа, застапување и лобирање за заштита на нивните права, поддршка на нивните родители...). Семејствата чии деца ги користат услугите на Дневниот центар исто така кога сакаат облеката од децата ја добиваат испрана бидејќи ние располагаме со машина за перење и за сушење. Последниве 6 месеци во работата на центарот беа опфатени 20 деца на улица од општина Аеродром, на возраст од 5-14 години.

Покрај работа со децата ние работиме и со родителите односно семејствата. Ним им овозможуваме помош во реализирањето на здравствените и социјални права, што подразбира помагање во остварувањето на правото на здравствена заштита за нивните деца, полесен пристап до здравствени услуги, информирање за социјалните права и начини на нивно реализирање. На овој начин овозможуваме ублажување на ефектите од социјалната исклученост.

Располагаме со две простории со парно греење каде можат да се спроведуваат работилници, кујна во која децата можат да јадат и купатило со две туш кабини и машини за перење. Сите овие ресурси се ставени на располагање на Дневниот центар.

На околу 15 семејства од ромска националност кои живеат на локацијата кај мостот Близнак на 1ви септември им било најавено дека ќе бидат отстранети нивните живеалишта од страна на општина Аеродром. Детската амбасада Меѓаши се обрати со барање до општината Аеродром, до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и до г. Неждет Мустафа – Министер без ресор, семејствата да бидат институционално згрижени пред да се отстранат нивните сегашни живеалишта. Со постојано рушење на овие живеалишта се оневозможува правилен развој на децата и им се скратуваат многу права. Сметаме дека со сместувањето во некоја од институциите на овие деца ќе им се овозможат барем основните егзистенцијални услови за живеење.