Стравовите понекогаш не туркаат кон целта, треба да се соочиме со нив
Без разлика дали иднината е долг или краток временски период за нас, сите гледаме кон неа на различен начин. За нас средношколците кои доаѓаме на крајот на едно поглавје, и треба да се одлучиме помеѓу доста одлуки, стравувањата за избирање на погрешна одлука се доста големи. Иако сметам дека веќе на осумнаесет годишна возраст сме доволно созреани самите да носиме одлуки, сепак притисокот кој може да си го правиме самите, или родителите, професорите, било кој, многу влијае и ги зголемува стравувањата кај нас. Од тоа што јас го имам забележано кај нас младите, стравувањата кои ги имаме за во иднина се доста слични, ако не дури идентични.
Јас сум ученик на четврта година, на крајот на едно поглавје, но на почетокот на друго, и тоа за време на една голема пандемија. Моите стравувања за иднината отсекогаш биле доста големи, а сега можам да кажам дека со пандемијава се уште поголеми. Првото стравување, кое мислам дека е доста често, е избирањето на факултет. Со ова стравување доаѓаат уште многу прашања: „Дали да останам во оваа држава?“, „Дали ќе можам да најдам работа со овој факултет?“, „“Дали ќе го изберам погрешниот факултет?“ и многу други. Личности кои имаат анксиозност како мене, би ме разбрале многу добро за чувствата и притисокот кои доаѓаат со самата помисла за правење на толку голема одлука, а не пак самото донесување на таа одлука.
Во овој момент размислувам дали ќе можам да опстојам сама во друга држава, доколку одлучам да студирам во странство. Не сум многу емотивна, но не сум ниту личност која сака промени. Нова средина, луѓе кои не ги познавам, јазик кој не ми е мајчин, разделбата со најблиските, се само дел од работите кои ми се вртат постојано низ моите мисли. Се справувам со овие стравувања така што ги туркам од себе со помош на позитивни мисли и препуштајќи и се на возбудата
Моето најголемо стравување сепак е врзано со моите размислувања околу иднината и оформувањето на семејство. Целата поента на животот за мене е репродукцијата, односно продолжувањето на животот. Дали ќе го најдам вистинскиот човек? Дали ќе биде во точниот момент? Дали ќе можам истовремено да имам успешна кариера и блискост со мојата фамилија?
Можеби ќе мислите дека сум мала или млада за овие стравувања, но барем во мојата реалност ова е најбитно. Како човек, како дете што е пораснато со вакви мислења за фамилијарните вредности, опкружена со големи фамилии и љубов не би можела да размислувам на различен начин, и овие стравувања можам да кажам дека сум ги имала од најмалата возраст кога сум можела да размислувам за посериозни работи.
Знам дека ова стравување или начин на гледање на животот е можеби необичен или дури може и за некои луѓе контроверзен, сепак сите мислам дека имаме барем по едно стравување кое не е толку вообичаено па да кажам и понекогаш чудно. Сепак тоа не прави луѓето што сме, уникатни индивидуи кои размислуваат различно.
Стравувањата се многу лични и приватни работи за секој човек, посебни и во склад со типот на луѓе коишто сме ние. Иако повеќе луѓе можат да го имаат истото стравување, не сите се справуваме исто, ниту пак гледаме исто на сите работи. Некои луѓе можат да реагираат веднаш за да се справат со тие стравувања и тие да исчезнат, додека некои други може да ги имаат тие стравувања, но да не обрнуваат толку внимание на нив.
Тука спаѓаат и луѓето кои не знаат како да се справат со нивните стравувања и тие дури можат да станат поголеми. Сепак стравувањата за во иднина се многу нормални за сите, големи или мали, битни за едни сосема небитни за други. На крајот, каде би стигнале без мотивацијата и туркањето кон целта што го предизвикуваат стравувањата?
Колку и да се негативни, сепак ако гледаме позитивно и оптимистички кон иднината овие стравувања ќе поминат и потоа ќе стравуваме за нешто друго. Тоа е сепак циклусот на животот.
Филимена Марковиќ, волонтерка во Детска амбасада Меѓаши