Почетна » Архива » 2011


Од дом на свое!” (“From Foster to Prosper”) имплементиран од страна на Првата детска амбасада во светот - Меѓаши

,,Кога ќе кажеш дека си дете од дом, не ти даваат можност да се покажеш во која било работа, не ти даваат да одиш напред, оти немаат доверба, оти мислат дека децата се криминалци, децата се вакви-такви. А има деца што завршуваат за полицајци и сега се инспектори, значи големи луѓе што станале, кои покажале дека можат да бидат и они луѓе како секој граѓанин.” - изјава од И.Ј., еден од младинците кој ја напуштил установата за згрижување на деца и младинци без родители и родителска грижа на 18 годишна возраст, вклучен во спроведените интервјуа во рамките на проектот ,,Од Дом на свое“.

Проблемите со кои се соочуваат младинците по напуштањето на установите се дополнителен мотив за Првата детска амбасада во светот – Меѓаши да иницира нови активности во насока  на поддршка на решавање на овој сериозен проблем. 

            Овој проект претставува континуитет во работата на Првата Детска Амбасада во Светот – Меѓаши, продолжување на иницијативата за грижа на младинците и давање психо-социјална и едукативна поддршка за понатамошниот самостоен живот.  Како дел од ангажманите во минатите години, Првата Детска Амбасада во Светот – Меѓаши организираше курсеви за странски јазици и информатички технологии, обука за кулинарски вештини и охрабрување за самостоен живот, лобирање и застапување и директни психо-социјални советувања.

Со цел да постигнеме мултидисциплинарен и регионален пристап во поддршката на оваа категорија младинци започнавме нов регионален проект со Open Media Group од Хрватска како носител на истиот а во соработка со невладини организации од Србија и Словенија. Проектот е насловен „Од дом на свое” (“From Foster to Prosper“) и започна со реализација во октомври 2011 год. со времетраење од една година. Овој проект е финансиран од Европската комисија и има за цел да обезбеди активно социјално вклучување на младите од установите за сместување на деца и младинци без родители и родителска грижа и оние кои ги напуштиле овие установи, да промовира нивно вработување и еднакви можности.

            Преку проектот ,,Од Дом на свое” се очекува објективно и аналитички да се претстави актуелната ситуација на децата и младинците без родители во Република Македонија, нивното образование и процентот на вработеност/невработеност на младите кои ги напуштиле установите за згрижување, но и проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот.

            Проектот ќе се одвива во четири фази и вклучува: спроведување на истражување, интервјуа со младинците од установите за сместување на деца и младинци без родители и родителска грижа, промотивна медиумска кампања во која гласноговорник ќе биде Весна Петрушевска која ќе го поттикне интересот на работодавачите за вработување на овие млади луѓе, а дополнително ќе бидат организирани и работилници предводени од стручни лица во кои ќе се понуди обука поврзана со аплицирање за работно место.

            Целосната реализација на проектот е во времетраење од една година, а една од целите која се очекува да биде постигната во финалната фаза е и вработување на овие млади лица во соодветни компании, институции и фирми, според нивните квалификации.