Почетна » Архива » 2010

Правото на топол дом за децата најзагрозено во Македонија Драги Змијанац, извршен директор и основач на Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Разговара: Билјана Богдановска

Журнал: Според Вашето долгогодишно искуство и податоците кои ги имате во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ кои права на децата најмногу се загрозуваат во Македонија?

- Кршења на правата на детето се случуваат континуирано и во најразличен вид. Некогаш на моменти, кога на пример сме преплавени со случаи на педофилија, се чини дека никогаш како досега немало повеќе злосторства и злоупотреби врз децата. Имаме 5% од вкупниот број деца, кои не одат на училиште, а насилството во семејствата и во училиштата е исто така зголемено. Но треба да се има на ум, дека за детските права порано малку се зборуваше. Сега и медиумите постојано информираат за вакви случаи. Тука е и граѓанскиот сектор, така што возрасните (а ретко некогаш и самите деца) се охрабрени да го пријавуваат насилството. Затоа понекогаш се чини дека сега има поголемо кршење на детските права отколку порано.  

Најчесто загрозени права на децата во Македонија се право на здрав и достоен живот, право на образование, право на здравствена грижа и топол дом.

Многумина од децата на улица се жртви на проституција, подведување за оставарување материјална корист, трговија со деца, дистрибуирање и користење дрога, сексуална злоупотреба.

Журнал: Минатата недела добивме два извештаи за сексуално злоставување на две малолетни деца, од кои едниот случај беше во манастир, што делува уште побизарно.  Како државата се справува со педофилите и што се случува понатаму со деца за кои ќе се установи дека биле сексуално злоставувани?

- Децата треба да го пријавуваат насилството. Да не молчат. Државата треба да отвори центри за прифаќање на деца жртви на сексуална злоупотреба и педофилија. За жал такви прифатилишта во Македонија нема. Посебно е важно да се нагласи дека третманот со децата жртви на педофилија треба да се започне веднаш по случката.

Апелираме до институциите на системот да бидат внимателни кон децата жртви на сексуална злоупотреба. Влегувањето на постапката кај надлежните институции ако е несоодветно и непрофесионално изведена или ако на пример детето повторно се соочува со силувачот - тоа претставува повторување на насилството, само што во овој случај освен преживеаното сексуално насилство детето трпи психичко насилство и од самата институција, односно од поедини стручни лица вклучени во постапката.

Да се биде сведок или жртва на злосторство, а потоа да се учествува во судската расправа е многу тешко искуство за возрасни луѓе, а уште потешко за децата. Детето не ги разбира правните процедури кои се одвиваат, се плаши од новите ситуации и непознатите лица. Се срами да зборува за тоа што му се случило. Понекогаш се чувствува виновно, изгубено, уплашено и напуштено, се плаши дека нема да ги исполни очекувањата на возрасните.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши континуирано алармира дека пријавените случаи на педофилија се во пораст и дека родителите и надлежните државни институции треба да преземат поголема одговорност во заштита на децата и нивниот најдобар интерес одобено во заштитата на децата од сексуалната злоупотреба и педофилија.

Журнал: Какви се резултатите од СОС-линијата 0800 1 2222 begin_of_the_skype_highlighting              0800 1 2222      end_of_the_skype_highlighting во Амбасадата Меѓаши? Дали децата се охрабренит да побараат помош и за какви проблеми најчесто се јавуваат?

- До сега нашите акции беа за подигање на јавната свест и охрабрување на децата и возрасните да не молчат за насилството и да го пријавуваат во најблиските полициски станици или на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 begin_of_the_skype_highlighting              0800 1 2222      end_of_the_skype_highlighting при Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Молчењето и табуата за сексуалната злоупотреба врз децата сега е срушено. Порано случаите на педофилијата не се обелоденувале во јавноста поради неколку причини, како страв, срам како и стереотипите дека децата жртви, а посебно девојчињата треба да молчат за сексуалната злоупотреба главно од семејни причини. Зачестените реакции за построго казнување на педофилите, барања за одземање родителско право на злоставувачи родители и поголема одговорност од државните институции, го подигна прагот на нетолерантност кон силувачите.

СОС телефонот за деца и млади постои 17 години, и до денес регистрирани се 17 784 пријави на различни видови проблеми со кои децата секојдневно се соочуваат. Во текот на 2009та година беа регистрирани вкупно 377 пријави. Од вкупниот број повици во 2009, речиси 48 отсто отпаѓа на физичкото, психичкото и сексуалното насилство врз деца. Тоа е зголемување од девет отсто во однос на 2008 година.

Журнал: Какви активности презема Детската амбасада, откако некое дете ќе се јави и ќе пријави некакво насилство, злоставување или искористување?

- Децата треба да го пријавуват насилството, злоупотребата и другите проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 begin_of_the_skype_highlighting              0800 1 2222      end_of_the_skype_highlighting. Овој телефон е од јавен интерес и помеѓу граѓаните се препознава како средство кои им овозможува психо-социјална помош и подршка за проблемите со кои се соочуваат. Повикот е бесплатен од фиксните линии од Т-home. Операторите кои одговараат на повиците се волонтери, ентузијасти од најразлични професии (психолози, социјални работници, педагози, правници, семејни советници) кои безрезервно го вложуваат своето искуство и знаење во креирањето на подобар свет за децата.

Принципот на работењето се состои во давање одговори на телефонските повици и при тоа проблемот се разгледува од повеќе можни аспекти. Не се сугерираат готови решенија туку се нудат можни алтернативи за решавање на проблемот. До решенијата на проблемот доаѓаат самите јавувачи. Еден од основните принципи во работењето на СОС телефонот е избегнувањето на давање совети. Иако ваквото правило може да звучи нелогично тоа има своја суштинска оправданост и објаснување во психолошката теорија и искуствата во работењето со луѓе кои побарале помош.         

Во Детската амбасада имаме и семејни терапевти кои остваруваат разговори со членови на семејства кои бараат помош преку СОС телефонот.

Паралелно со СОС службата, континуирано работи и бесплатната правна служба која во зависност од видот на проблемот постапува со писмени обраќања до државни институции и народниот правобранител. Од надлежните институции секогаш бараме да нe информираат за мерките и активностите кои ги преземаат. Ова е еден од начин  на кој ги следиме случаите. Некои од случаите ги работиме во соработка со други невладини организации сe со цел да се дејствува во најдобар интерес на децата.

Последиците од насилството и злоупотребата се многу сериозни по развојот на детската личност. Стравот, несигурноста, ниската самодоверба, недовербата во институционалната заштита и неинформираноста за службите кои треба да обезбедат помош и подршка се најчесто причината поради која децата молчат, го трпат насилството и ретко гоговорат за истото.

Журнал: Дали институциите имаат слух за укажувањата на „Меѓаши“ и каква е Вашата соработка со нив?

- Министерството за правда се мобилизира да ги заостри казните против сторителите на овие тешки кривични дела за педофилија и родосквернавење бидејќи се покажа дека казните се мали и не соодветствуваат со европското законодавство. Но, тоа е само една репресивна и превентивна мерка. Ние инсистираме на поостри казни, дури и доживотен затвор затоа што сме убедени дека во Македонија сe уште нема сигурен третман за работа со педофилите додека издржуваат казна затвор, бидејќи по напуштањето на затворот, најголем дел од нив го повторуваат делото. Вклучени сме и во реализацијата на Акционен план за справување со педофилија и сексуална злоупотреба што Владата на Македонија го предложи во 2008 година.

Но, Првата детска амбасада во светот Меѓаши веќе неколку години укажува на фактот дека над 18.500 деца во Македонија им е загрозено елементарното право: правото на образование. И покрај тоа не се преземени мерки досега за сите деца да се вклучат во основното образование. Сме укажувале на низа проблеми во остварувањето на детските права, од најразличен тип, но многу ретко следат активности за преиспитување на државните органи и преземање адекватни мерки и одговорност од истите кои треба да се гарант за реализација на правата на децата.

Журнал: Дали институционалниот (правниот, судскиот, извршниот) систем во Македонија може да се рече дека е соодветно прилагоден за одбрана на детските права, а од друга страна, ги стига ли правдата оние кои ги прекршиле?

- Иако во Република Македонија се прават бројни законодавни реформи и се изготвуваат  низа политики за заштита на правата на децата, сепак има деца кои не се вклучени во задолжителното образование, деца кои не можат да ги остварат правата на квалитетна здравствена заштита, деца кои се жртви на физичка и сексуална злоупотреба.

Државата е повеќе насочена кон законските измени и што законските норми предвидуваат, а помалку или во одделни делови воопшто не се споменува како тие законски одредби се применуваат во пракса. Нема воспоставен систем на следење како законите се спороведуваат, ниту има информација дека е направена соодветна анализа колку средства се потребни за спороведување на законите.

Пропустот во заштитата на детскте права најчесто настанува при имплементацијата на законите, а во одредени случаи тоа се случува поради законодавни празнини и несоодветно регулирање на одредени прашања. На пример, има закони каде што е предвидено дека детето има одредено право, но притоа не се прецизира како детето може да го оствари тоа право, во која постапка, пред кој орган и во согласност со кој закон. Ваквите законски решенија се неприменливи во пракса и наместо да претставува унапредување на правата на децата тие претставуваат дополнителна пречка.

Потребно е дополнување и промена на постоечките законски одредби кои ги регулираат правата на децата, како што е потребата за дополнување и изменување на Законот за семејство, Законот за социјална заштита, Законот за заштита на децата и други. Исто така, формирањето на Детски народен правобранител како посебна институција која целосно ќе се посвети на заштита на правата на децата.

Има потреба да се работи и на полето на ратификација на сите меѓународни документи кои обезбедуваат заштита на правата на децата, кои треба да се искористат како дооформување на целокупната законска рамка во Републиката преку кој ќе се дизајнираат мерки кои нема да остават правни празнини за толерирање на секакво кршење на детските права. Воедно потребно е надлежните институции да ги применуваат овие ратификувани меѓународни стандарди во процесите на обезбедувањето и заштитата на детските права.  Мора да наведеме дека државните органи при своето работење многу малку се повикуваат или воопшто не ја користат Конвенцијата за Правата на Детето и објаснуваат дека истата  не може директно да ја применуваат иако во случај на колизија, меѓународните конвенции се во супериорна позиција во однос на националните закони.

Журнал: Вашите активности се насочени и кон децата бездомници. Што реално може „Меѓаши“ да направи за нив, а од друга страна што прави државата за тие деца?

- Државата се обврзала со ратификација на Конвенцијата за спречување на најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд  да се ангажира во исполнување на преземените обврски предвидени со Конвенција. Но, ние како Амбасада на децата едноставно сакавме и моравме да укажеме дека привременото отргнување на децата од улица и нивно сместување во Дневните центри за деца на улица се со привремен каратктер. Тие деца по 16 часот се повторно на улица и препуштени самите на себе.

Амбасадата за решавањето на овој повеќе децениски проблем побара посериозни и поголеми напори од институциите во решавањето на проблемот. Имено, доколку за семејствата кои ги злоупотребуваат децата и нивниот труд не се обезбеди барем за едно лице вработување, покрив над главата и вклучување на овие деца во задолжителното основно образование децата на улица ќе бидат и понатаму жртви на сиромаштијата и неписменоста. Побаравме за сите деца на улица да се обезбеди топол оброк, обувки, облека и учебници и школски прибор. Препорачавме Министерството за труд и социјална политика да направи посерозни напори децата од улица од најмал возраст да ги вклучи во предучилишните установи.

Журнал: Има ли доволно дневни центри во земјава што функционираат и што би можеле да помогнат децата да бидат прибрани од улица? Постои ли друго, трајно решение за овој проблем?

- Отргнувањето на децата од улица и нивно сметување во Дневните центри не се решение за децата бездомници и питачи. Ниту акциите со полициско апсење нема да вродат со резултат. Погрешни се изјавите дека децата питачи се социолошко-патолошка појава и грда слика за Скопје.

Кога овие деца ќе имаат покрив над главата, кога нивните родители ќе располагаат со минимални средстава што самите ги заработиле и кога нивните деца ќе бидат на училиште наместо на улица проблемот со злоупотребата на детскиот труд можеби нема да се искорени но секако ќе се намали. Децата на улица ако се вклучат во училиштето ќе бидат дел образовниот процес и ќе имаат други навики и потреби. Ќе треба и ќе мора да ги исполнуваат училишните обврски. Ако име се обезеди покрив над главата и по едно вработување на овие семејстав државата ќе има механизми за одземање на овие погодности за овие семејства доколку ги најдат повторно децата на улица. Сигурни месечни примања и покрив над главата за почеток ветува успех.

Журнал: Каква е ситуацијата со експлоатацијата на детскиот труд и со сексуалната злоупотреба на малолетници?

- Во Македонија над 2000 деца се катадневно на крстосниците со испружени рачиња и норма која мора да ја заработат. Тоа ги повредува основните детски права. Право на здрав и достоен живот, право на образование, право на здравствена грижа и топол дом. Многумина од децата на улица се жртви на проституција, подведување за оставарување материјална корист, трговија со деца, дистрибуирање и користење дрога, сексуална злоупотреба. Имавме и неколку случаи кога родителите  сексуално ги подведуваа децата со други возрасни луге за остварување материјална корист.

Журнал: Во споредба со земјите во регионот, како котира Македонија во однос на почитувањето или непочитувањето на правата на децата и дали „Меѓаши“ соработува  со некоја слична институција од околните земји?

Зависи како ги гледаме работите. Ако на пример започнеме со легислативата, институциите, промената на законите, конвенциите, тогаш логично би било да се констатира дека има напредок во почитувањето на правата на детето. Важно е дека Македонија пред 10 години доби заменик Народен правобранител за правата на детето, иако ние баравме да биде воспоставен Народен правобранител стриктно само за деца. Во 2001 година Македонија ја ратификува Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за најлошите форми на детски труд и Препораката за итно спречување на злоупотребата на детскиот труд. Во 2005 година е изработен Национален план за акција за правата на децата во Република Македонија за 2006-2015 година. Направени се дополненија и измени на законите кои се важни за детската заштита, но генерално најзагрижувачки е фактот што сите тие, помалку или повеќе, се уште не се спроведуваат во практиката онака како што е предвидено.

Што се однесува на вториот дел од прашањето, Амбасадата Меѓаши соработува и е членка на повеќе меѓународни организации и мрежи каде споделуваме искуства и остваруваме активности за подобрување на детските права со организации ширум светот. Членови сме на Global Campaign for Education, каде веќе десетта година по ред активно учествуваме во Глобалната кампања за вклучување на децата во образование заедно со повеќе од 100 земји. Заедно со организациите членки на The European Federation for Street Children дејствуваме во насока на намалување на бројот на деца кои се на улица, а во Global March against Child Labour се бориме против најлошите форми на експлоатација на детскиот труд. Преку СОС телефонот за деца и млади сме членови во Child Helpline International мрежата која ги обединува СОС телефоните од земјите во светот. Амбасадата Меѓаши има уште неколку меѓународни членства во European Children's Network; EUROCHILD; Human Rights House Network; Child Rights Information Network; UNITER for Intercultural Action. Воедно сме членови и основачи на неколку домашни коалиции: Граѓанска платформа на Македонија; Коалиција Сите за правично судење и Македонија без дискриминација.  / Журнал МК /

http://www.zurnal.mk/mk/cont.asp?k=21208180406&s=20100915250&id=17810114123&sh=