Почетна » Архива » 2010


Нестручноста на институциите ги остава педофилите на слобода 

Силувачи на деца се шетаат слободно бидејќи во многу случаи полицијата, вештите лица, социјалните работници и обвинителите не се кадарни да обезбедат несоборливи докази. На ова се пожалија судиите кои работеле на вакви тешки случаи. Иста констатација имаат и невладините органзиации кои меѓу многуте неправилности, посочија дека дури и необученоста на гинеколозите за правилно да документираат силување придонесува да неможе да се донесе обвинтелна пресуда.

„Се случува често да се досуди и ослободителна пресуда само поради тоа што недостасувале суштински докази”, вели Фадил Џелили - судија за малолетници – Основен суд Гостивар.

Според кривичниот закон најниска казна за полов напад врз дете е 8 години, а максималната предвидува доживотен затвор. Но, вакви казни во повеќе случаи не можат да се пресудат, не само поради нестручноста на лицата кои ги собираат доказите, туку и поради самите судии.

„Понекогаш судиите не ја знаат процедурата во однос на тоа како треба да се сослушува дете жртва. Бидејќи ако до детето е пред извршителот тогаш нормално дека тоа може да ја смени изјавата и токму затоа потребни се многу обуки и средби за еден закон да функционира и децата да се заштитени“, рече Диана Русева – Институт за социјални дејности и политики- Бугарија.

За да биде успешна истрагата, но и детето да не доживее дополнителни трауми, бидејќи секоја истрага значи за неговата психа повторно доживување на силувањето, од детската амбасада „Меѓаши“ бараат формирање на прифатни центри за силуваните деца, како и поголем број на згрижувачки семејства.

„Сите психијатри укажуваат дека за детето жртва многу важни се првите 72 часа поради притисок, табу, семеен молк итн. За жал и покрај зголемување на казните од 8 години па нагоре повторно имаме зголемен број на случаи на сексуална злоупотреба и педофилија и тоа нe наведува на мислење дека има отсуство на функционална заштитата на децата од страна на државата, државните институции, граѓанскит сектор и посебно родителите, бидејќи многу треба да се работи со родителите за рано откривање и препознавање на знаците кај злоставувани деца“, истакна Драги Змијанац – директор на детска амбасада „Меѓаши“.

Според Диана Русева освен згрижувањето на детето и казната затвор за насилникот, важно е и да се работи со самите силувачи, бидејќи по неколку месеци или години тие повторно ќе излезат на слобода и ќе бидат меѓу децата.

Фросина Пандурска –Драмиќанин