Почетна » Архива » 2010


НАЦРТ КОДЕКС ЗА НОВИНАРИ И МЕДИУМИ ПРИ ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА СЛУЧАИ НА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА И ПЕДОФИЛИЈА
 

Овој кодекс содржи збир од усвоени начела кои новинарите и медиумите треба да ги почитуваат при известување за насилство врз децата особено при случаи на сексуална злоупотреба на деца и педофилија. 
 

Заштита на приватноста, идентитетот и интегритетот на децата

Новинарите и медиумите треба да имаат предвид дека заштитата на приватноста на децата има предност пред важноста на информацијата и дека правата и интересите на децата уживаат поголема заштита од правата и интересите на останатите луѓе.

Новинарите и медиумите треба да ја заштитуваат приватноста на децата од неразумно и сензационалистичко откривање во јавноста. 

 
Новинарите и медиумите треба да го заштитуваат идентитетот, интегритетот и приватноста на децата при известување во случај на сексуална злоупотреба на деца и педофилија, на тој начин што нема да го обелоденуваат, откриваат, разоткриваат или објавуваат идентитетот на децата инволвирани во овие случаи, без разлика дали се јавуваат како жртвиили сведоци.
 

Новинарите и медиумите треба да употребуваат техники за специјално презентирање на инволвираните во случајот односно нема да ја идентификуваат жртвата на сексуална злоупотреба или да објавуваат податоци кои би можеле да придонесат за некаква идентификација на детето жртва. Тие нема да покажуваат слика на детето на начин што детето може да биде препознаено од другите.

 
Новинарите и медиумите употребуваат замаглени снимки или снимки направени од зад грб, мутиран глас. Тие нема да ја именуваат куќата во која живее, или установата во која што учи или е згрижено детето, и нема да објавуваат детали за опис на сексуалниот чин и/или извршеното насилство врз детето и слично.
 

Новинарите и медиумите треба да водат сметка за најдобриот интерес на децата. 
 

Новинарите и медиумите треба да имаат предвид дека информирањето на несоодветен начин може да остави трајни последици во животот на децата.

 
Новинарите и медиумите ја почитуваат пресумпцијата на невиност на осомничениот додека не се докаже вината со правосилна судска пресуда. 

 

Прибирање информации и изјави од сите релевантни институции
 

Новинарите и медиумите треба да објавуваат добро проверена информација поткрепена врз официјални изјави од соодветни институции (училиште, министерства, центри за социјалана работа, народен правобранител, јавно обвинителство, здравствени установи, суд, граѓански организации и други институции)
 

Новинарите и медиумите треба да спроведуваат истражувачко новинарство кое е потребно за да се следи случајот до крај, да се информира за крајниот резултат и да се бара одговорност од соодветните субјекти со цел поефикасно решавање на случаите како една од формите за заштита на правата на детето.
 

Новинарите и медиумите не треба да земаат изјава од дете (од дете треба да се зема само една изјава од стручен тим во посебни услови. )

 
Новинарите и медиумите нема да фотографираат или интервјуираат деца жртви или деца сведоци. Од родителите/старателите (членови на семејството со полна деловна способност) може да се зема изјава, но повторно да се внимава на заштитата на приватноста, идентитетот и интегритетот на семејството и на детето. 
 

Новинарите и медиумите да водат посебна грижа за децата сведоци и да не ги стават во опасност истите при објавување на настан. 
 

Новинарите и медиумите треба да известуваат за положбата на децата не само како настан, туку да известуваат за процесот кој може да доведе или води кон појавата на тој настан. 
 

Новинарите и медиумите треба да учествуваат во креирање на јавно мислење, мобилизирање на институциите и родителите во функција на заштита на децата  и заложби за решавање на проблемот. 
 

Новинарите и медиумите со своите прилози треба да ги охрабруваат децата да проговорат за насилството и да го препознаваат, но тоа мора да биде професионално сторено со сите предвидени заштитни и технички средства со кои се гарантира приватноста и заштита на идентитетот и интегритетот на детето. 
 

Новинарите и медиумите треба да се грижат за правилна примена на овој Кодекс и со тоа ќе придонесат во превенција на појавата.
 

Новинарите и медиумите се обврзани да ги почитуваат и применуваат принципите на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации и другите меѓународни документи кои се однесуваат на правата на детето.
 

Новинарите и медиумите кодексот треба/може и понатаму да го усовршуваат и дополнуваат во духот на начелата прифатени и проверени во однос на професионалната етика на новинарите во Република Македонија.