МВР смирува, не се зголемува сексот со малолетници
Скопје, 13 септември – Нема тенденција на зголемување на кривичните дела во кои се инволвирани малолетници, тврди Министерството за внатрешни работи.
Во првите 6 месеци од годината, биле регистрирани 41 кривично дело над 43 малолетни лица, а кривични пријави биле поднесени против 48 сторители за различни дела (полов напад, обљуба над немоќно лице, задоволување полови страсти пред други и слично).
Лани, МВР, во истиот период регистрирало 50 кривични дела, што за портпаролот на Министерството, Иво Котевски претставува намалување за 18 проценти.
„Нема тенденции на зголемување, но добро е тоа што јавноста станува чувствителна во насока на превенција и препознавање на одредени симптоми кај жртвите“, објаснува Котевски.
Портпаролот Котевски тврди дека Министерството ги презема сите неопходни активности за превенција, но и репресија врз сторителите.
„МВР досега спровело неколку кампањи во делот на превенцијата, но треба да се дејствува и меѓуинституционално, не само меѓу државните институции, туку потребно е да се вклучи невладниот сектор и медиумите“, апелира Котевски.
Министерството за внатрешни работи вчера поднесе кривични пријави против 50-годишен кумановчанец кој извршил кривично дело „обљуба врз немоќно лице“.
Имено, според истрагата, тој го качил девојчето во својот автомобил, го однел во запуштена куќа и орално го обљубил.
Минатата недела, јавноста беше шокирана од уште еден случај на мрежа за сексуални услуги со малолетни лица, кога полицијата приведе неколку бизнисмени и две девојки кои посредувале во наоѓањето малолетни девојчиња.
Наспроти изјавата на портпаролот на МВР, Котевски, за магистер Драги Змијанац, основач и директор на Првата детска амбасада „Меѓаши“, државните органи малку прават за превенцијата на оваа појава.
„Не постои едукација на ова поле во образовниот систем, а и превентивната улога, која законски ја има Центарот за социјална работа, во пракса не се остварува. Потребно е овие Центри да се доекипираат со тим за брзо откривање и рана детекција на семејствата во ризик со што ќе се заштити детето кое е потенцијална жртва на сексуална злоупотреба и детска проституција. Центрите не се достапни после редовното работно време, ниту за време на викенд или празнични денови и тогаш им е оневозможена помош на жртвите“, објаснува Змијанац.
Директорот, во изјава за „Журнал.мк“, наведува дека превентивните активности треба да бидат насочени кон организирање јавни кампањи за отворање на прашањето за скриена проституција и трговија со луѓе меѓу младите во општата јавност и зголемување на свесноста за постоење на овие појави, иницирање на координативен мултисекторски пристап кон проблемот на скриена проституција и трговија со луѓе меѓу средношколска популација врз принцип на споделена одговорност со вклучување на сите релевантни актери (родители, образовни институции, релевантни министерства, локални невладини и меѓународни организации кои работат на проблемот и слично) како и обука и вклучување на медиумите како најмоќен инструмент за актуелизација на проблемот.
“Развивање на специфични програми насочени кон неутрализирање на социјалните и економски фактори кои доведуваат до незадоволство, немање перспектива и потреба да се замине во странство – сиромаштија, невработеност итн“, се дел од превентивните активности наведува Змијанац.
Змијанац апелира да се заштитат децата жртви на време.
„Државните институции треба да преземат се што е во нивна надлежнсот за да ги заштитат девојчињата во оваа тешка состојба. Потребно е да им се пружи стручна поддршка и да им се овомозѓи внимателно сослушување кое нема штетно да влијае врз нив. Девојчињата, целосно, мора да бидат заштитени во сите фази на кривичната постапка“, вели директорот на „Меѓаши“..
Исто така, според Змијанац, не смее да се открива нивниот идентите, а Центарот за социјални работи треба да реагира доколку на дедата не им е дадена соодветна поддршка и доколку судот не направи одредени пропусти.
Змијанац потсетува на еден случај пред три годни токму во Штип, каде при судењето за дело „посредување во вршење проституција“ се самоуби девојчето жртва, кое беше повикано во улога на сведок во постапката. / Журнал МК /
http://www.zurnal.mk/mk/cont.asp?k=21208120405&s=27209153317&ID=13910143518&sh=2 |