Многу деца-питачи, малку дневни центри
Во дневните центри дневно се згрижуваат околу 50 деца од улица, а месечно ротираат околу 130, велат од Министерство за труд
Малолетни деца, полуголи и боси, од утро до мрак, на сонце, дожд, ниски и високи температури катадневно питаат на скопските раскрсници. Улицата е нивниот дом, а тие, препуштени сами на себе, без родителска грижа, стануваат лесни жртви на секаков вид на злоупотреба. Најголем дел од нив се сместуваат, односно посетуваат некој од дневните центри во Скопје, но тие не се вистинско решение за проблемот, велат од Првата детска амбасада „Меѓаши“. Од Министерство за труд и социјална политика тврдат дека програмата што се реализира во центрите и услугите што се нудат имаат позитивно влијание врз воспитниот процес на децата, но проблем е недостигот на повеќе објекти.
Според „Меѓаши“, фактот што овие деца поголемиот дел од времето го поминуваат на улица претставува негрижа и дискриминација од страна на општеството, кое треба да ги вклучи во редовниот образовен процес.
- Дневните центри во кои се сместуваат овие деца се само привремено решение или прв чекор во подготовката да бидат вклучени во образовниот систем. Решението на проблемот со питањето го гледаме во мултидисциплинираниот пристап на владините и граѓанските организации во земјава. Но, за жал, и покрај многубројните законодавни реформи и креирање политики, овие деца и нивните семејства не можат во целост да ги остварат своите права, како на пример правото на квалитетна здравствена нега и на образование, правата на учество и вклученост - посочуваат од „Меѓаши“.
Наспроти ова, портпаролката на Министерството за труд, Ерзана Јакупи, појаснува дека во дневните центри за деца во социјален ризик, на децата им се обезбедуваат сите потребни услуги, почнувајќи од редовен оброк, соодветна облека, обувки, обезбедување услови за одржување на личната хигиена, пријавување во Матичната книга на родени, регулирање на здравственото осигурување и следење на нивната состојба.
- Во дневните центри дневно се згрижуваат околу 50 деца од улица, а месечно ротираат околу 130, на возраст од 4 до 14 години. Голем акцент се става на програмата за мотивирање на децата и нивните родители за вклучување на децата во образовниот процес, запишување на децата од училишна возраст во редовните основни училишта и следење и помош на децата што се вклучени во образовниот систем. Се организира и посета на семејствата на децата, како и психосоцијална поддршка. Само оваа година преку дневните центри во редовен воспитно-образовен процес се запишале 25 деца - објаснува Јакупи.
Според неа, постапката за упатување во дневен центар подразбира информирање на родителот за придобивките од посетата на центарот, како и активностите што се спроведуваат со децата од страна на стручниот тим.
- Во постапката на информирање се става акцент на мотивирањето на родителот да даде согласност неговото дете да посетува дневен центар и ако се обезбеди оваа согласност, потоа Центарот за социјални работи организира превоз на децата од домот до дневниот центар и обратно, заради обезбедување присутност на децата во центарот - појасни Јакупи.
Децата-питачи најчесто потекнуваат од дисфункционални и семејства во ризик.
Се планира транзитен центар
Во Македонија има три дневни центри за децата од улица - два во Скопје и еден во Битола. Поради тежината на проблемот, потребно е да се отворат дополнителни, првенствено во Скопје каде што проблемот е најголем. За таа цел се планира отворање на 24-часовен транзитен центар во Скопје, а потребно е да се отвори уште еден дневен центар во западниот дел на градот, потоа во Прилеп, во Охрид и во други поголеми градови.
Министерството за труд настојува да ги мотивира локалните самоуправи, НВО-секторот, како и бизнис-заедницата да инвестираат во заштитата на децата од улица, со што ќе придонесат тие да израснат во здрави индивидуи и да се прекине кругот на повеќегенерациската сиромаштија на оваа категорија граѓани.
извор: Дневник
Станка Јовановска-Моторак
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=0F73F0D06E944049A1393B02413FAC97
|