КАМПАЊА ,,ЗА НАСИЛСТВОТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ МОЛЧИ‘‘
Првата детска амбасада во светот Меѓаши започна кампања со мото „За насилството не треба да се молчи“. Целта на оваа кампања е информирање на јавноста за проблемите со насилството на кое се изложени децата во Македонија. Неопходно е да се проговори за насилството и злоупотребата врз децата. Последиците од насилството и злоупотребата се многу сериозни по развојот на детската личност. Стравот, несигурноста, ниската самодоверба, недовербата во институционалната заштита и неинформираноста за службите кои треба да обезбедат помош и подршка се најчесто причината поради која децата молчат, го трпат насилството и ретко гоговорат за истото.
Идејата за оваа кампања произлезе од анализата на податоците добиени од работата на СОС телефонот во последните неколку години. Резултатите покажуваат пораст на пријавите за злоупотреба и насилство врз децата што укажува на тоа дека децата се незаштитени. Последниве неколку години пријавите кои ги добиваме во најголем процент се поднесени од страна на возрасни лица, сведоци на насилството и злоупотребата на која се изложени децата.
Преку оваа кампања сакаме да ги охрабриме децата за да го пријавуват насилството, злоупотребата и другите проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222. Овој телефон е од јавен интерес и помеѓу граѓаните се препознава како средство кои им овозможува психо-социјална помош и подршка за проблемите со кои се соочуваат. Повикот е бесплатен од фиксните линии од Т-home. Операторите кои одговараат на повиците се волонтери, ентузијасти од најразлични професии (психолози, социјални работници, педагози, правници, семејни советници) кои безрезервно го вложуваат своето искуство и знаење во креирањето на подобар свет за децата. Паралелно со СОС службата, континуирано работи и бесплатната правна служба која во зависност од видот на проблемот постапува со писмени обраќања до различни државни институции.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши оваа кампања ја реализира во соработка со Акцент Медиа како медиумски партнер преку поставување на билборди на територијата на Република Македонија. Мотото „За насилството не треба да се молчи“ е подржано со илустрација на која е прикажано дете, осамено и тажно со телефонска слушалка во раката. Подготвени се 20 билборди од кои 8 се двојазични (македонско-албански). Поставени се 10 билборди на територијата на град Скопје, и по еден билборд е поставен во Прилеп, Битола, Струга, Гостивар, Дебар, Тетово, Куманово, Струмица, Штип и Велес.
|