Исчезнати!?
Семејствата Мемеди и Хелговиќ од Куманово пред четири месеци првпат се видоа, првпат се запознаа. Ги споија децата. Им ги снема најмалите, најмилите. И се’ уште ги нема!
од Кристина Мачкиќ
Родителите се сомневаат дека децата им се украдени заради нелегална трговија со органи. Тврдат дека полицијата прво нив ги осомничила дека си ги продале децата, но сепак по поминувањето и на полиграфски тест, истрагата не покажала никаква вина кај нив. Сега фотографиите на децата се ставени на веб-страницата на полицијата и на сите гранични премини, од каде што велат дека истрагата тапка во место.
ДАНЕ МЕМЕДОВ: “НАЈМАЛОТО ВО СЕМЕЈСТВОТО”
“Каде ми е внучкото, го најдовте ли?”, слушнав старечки глас од една трошна соба направена од камен и кал. Погледнав внатре. На подот, на стар искинат душек, лежеше дедо. Гледаше кон таванот, а пепелта од цигарата му паѓаше на старата пижама. Дедото си го бараше внукот Дане, а внукот го нема. Исчезна на 27 март годинава. Има само пет години. Оттогаш ни трага ни абер. Никој ништо не видел, ништо не чул. Во трошната куќа покрај реката нe пречека таткото на Дане, Драган, и тетка му. Мислеа дека носиме добра вест, но се разочараа. По неколку минути тагата им се претвори во надеж. Разбраа дека сакаме да помогнеме да се најде Дане. “Спијам со отворени очи. Многу сум лут и тажен. Ми го нема синчето, а полицијата мене ме покажа со прст. Ми рекоа: ‘Ти си го продал’”, ни раскажуваше Драган гледајќи кон фотографиите на ѕидот, гледајќи кон Дане. “Дента Дане си играше во дворот. Уште од мал сакаше со лазење да шета по дворот и секогаш знаеше до каде смее да оди оти пред нашата куќа има река. Попладнето детето излезе кон улицата. Си играше со стара инвалидска количка. Ја туркаше во дворот и така ја дотурка и на улица. По извесно време замре гласот на Дане. Излеговме да го бараме. Го немаше. Ниту Дане ниту инвалидската количка. Мислевме дека заминал по околните улички со децата. Баравме... Баравме, викавме... Ништо. Ја повикавме полицијата и тие почнаа да бараат. Се сомневаа дека паднал во реката. Баравме и таму, но повторно ништо”, со треперлив глас зборуваше Драган. “Кога полицијата ме однесе во Скопје на испитување, се шокирав. Ме седнаа на полиграф, ме прашуваа дали сум го продал детето. Бев избезумен, но, ете, и полиграфскиот тест покажа дека ја зборувам вистината. Постојано им велев на полицајците: Детето ми е земено за органи. Тоа кај нас циганите го има. Дури и меѓу нас знаеме дека наши луѓе учествуваат во грабнувањето. Но, мислевме дека, ете, тоа нам нема да ни се случи”, вели Драган кој сe уште е револтиран од сомнежот на полицијата. “Вие сте ми единствена надеж. Се сетивте и ме посетивте. Објавете ја сликата на Дане да го обиколи светот. Можеби некој ќе го види и ќе каже каде е. Каков и да е, само жив да ми се врати”, посака Драган и со прстите ги стисна очите да ги запре солзите.
МИРСАДА ХЕЛГОВИЌ: “ЈА СОНУВАМ СЕСТРАТА БЛИЗНАЧКА”
“Ако е умрена, сакам да i го знам гробот; ако е жива, сакам да ја видам барем само уште еднаш”, со оваа мисла секое утро станува, а навечер легнува мајката на петгодишната Мирсада Хелговиќ која веќе пет месеци е исчезната. Таа поради претрпениот шок по цели денови не излегува од дома. Лежи и ја чека Мирсада. Не може дури ни да зборува. Сила има само најстарата во фамилијата, бабата Надира. Мирсада утрото на 12 април излегла неколку чекори пред куќата. И, ја снемало. Нема ниту пат, ниту река, ниту ливада. Куќата на Мирсада е опкружена со други куќи, а за да излезе на патот, треба да се искачи на поголема стрмнина. “Девојчето не може само да се качи. Грабната е. Соседите рекоа дека црн џип поминувал деновите во населбава. Ја баравме и ние и полицијата, но детето пропадна в земја”, вели бабата Надира држејќи го најмалото бебе во семејството. Додека разговарав со бабата, девојче со русо косиче се појави од нужникот во дворот. Бидејќи Мирсада ја знаеме од фотографии, сликата нe стаписа. Мирсада во дворот? Не. Тоа беше нејзината сестра близначка, Сенада. Девојчето само тивко шепотеше. Бабата вели дека сестрата близначка ноќе се буди и вика по Мирсада. Сонувала чудни соништа. Плаче. Тагува и си ја бара сестричката. Едноставно ја чувствува.
ИСЧЕЗНАТИТЕ ДЕЦА - САМО СТАТИСТИКА?
Од 1987 г. до денес во Македонија се исчезнати повеќе од 20 деца за кои јавно се зборувало и бил поставен сомнежот дека нивното исчезнување е мистерија. Рубриката црна хроника секогаш имала потресни стории на родителите на исчезнатите. Но, ете, сe останало само на новинарските текстови. Мистериозните исчезнувања ќе останат ли само статистика на полициските билтени? Еве дел од историјата. Првото познато исчезнување за кое јавноста дозна и беше згрозена датира од далечната 1987 г. Сред бел ден во близина на Олимпискиот базен во центарот на Скопје мистериозно го снема петгодишниот Амет Алкан. Не бил сам. Бил со другарче. Детето со кое бил Амет, по извесно време е најдено живо. Амет сe уште го нема. Не се знае дали е жив или мртов. Само една година подоцна на “Илинденска” исчезнува Билјана Србиновска. По неа полицијата организирала невидена потрага. Неколку месеци подоцна во напуштен бунар во село на Скопска Црна Гора е најдено телото на малата Биле. Истражителите само можеа да утврдат дека била сексуално малтретирана. До ден-денес нејзиниот киднапер и егзекутор не е најден. Во полиција како отворени истраги сe уште стојат случаите за две деца. Потрагата трае по малата Љунтурије Исени од скопско Трубарево. Ја нема десет години, а кога исчезнала имала само пет. Субај Шакири од Крушопек, Скопско, го нема од март 2002 г.
“МЕЃАШИ” - ВНИМАВАЈТЕ НА ДЕЦАТА!
Родителите се оние кои ја имаат најголемата одговорност за грижата и заштитата на нивните деца. Но, кога семејството поради најразлични причини не е во можност да ја остварува оваа обврска, институциите на државата се оние кои треба да им ја пружат неопходната грижа и заштита на децата. Поголем е ризикот за исчезнување деца кои потекнуваат од дисфункционални семејства, семејства во ризик и семејства во руралните средини. Центрите за социјална работа треба да се на терен, за да бидат во функција на засилен надзор, односно да прават повеќе контакти и контрола на овие семејства. Не е доволно да им се даде само социјална помош, потребна е и психолошка помош, поддршка и едукација на родителите. Во одредени случаи, центрите за социјална работа можат и да употребат мерка привремено или трајно одземање на родителското право за да не се случи децата да бидат злоставувани, злоупотребени и киднапирани, но тоа само кога се убедени дека така ќе се помогне на детето од несакани последици и трагедии. Детската амбасада “Меѓаши” апелира до Министерството за внатрешни работи дека не треба да го исклучи сомнежот кај граѓаните дека сe позачестеното исчезнување на деца е поврзано со трговија со деца и детски органи, киднапирање, организирана група на грабнувачи на деца заради питачење, детска проституција и порнографија. Навременото пријавување и брзата реакција од полицијата во првите 24 часа од киднапирањето или грабнувањето се многу значајни.
|