Глобална кампaња за образование - Една цел: Настава за сите
Првата детска амбасада во светот Меѓаши и оваа година се приклучи кон Глобалната кампања за вклучување на децата во образование. Во повеќе од 100 земји низ целиот свет, познатите светски фудбалски ѕвезди се здружија со милиони деца со цел сите да имаат можност да одат во училиште и да учат. Покрај тоа што имавме забавен настан на ова многу важно прашање, се надеваме да влеземе во историјата со постигнување на Светски рекорд за најголемиот симултан час.
Во нашата држава секојдневно се среќаваме со деца, кои на различни начини се лишени од нивното основно право: правото на образование. Од голема важност е државата да им го обезбеди ова право на сите деца.
За време на еднонеделната кампања која трае од 19 до 27 април 2010 година, беа организирани неколку настани: Првата активност опфати посветување на еден училишен час „Една цел: настава за сите“ што се оддржа на 20 април во училиштата низ државата. Часот беше оддржан во голем број училишта на територијата на Република Македонија кои активно ја поддржаа оваа светска кампања и на тој начин се вброија во постигнувањето на светскиот рекорд за најголемиот симултан час. На часот се објасни дека многу деца и возрасни не знаат да читаат и пишуваат бидејќи никогаш не биле на училиште.
Втората активност во рамките на кампањата Глобална недела на акција 2010 Една цел: Настава за сите беше посетата на Заменикот Министер за финансии на Република Македонија, г-н Недим Рамизи. Оваа средба се оддржа на 22 април 2010 година во 14 часот во просториите на Министерството за финансии.
На посетата присуствуваа деца од Дневниот центар при Првата детска амбасада во светот Меѓаши, деца членови на амбасадата и претставници од Детската амбасада. Децата ја искористија средбата со Заменикот Министер за финансии да го запознаат со фактот дека многу деца во Република Македонија остануваат без образование, посебно децата Роми, како и со прашања во врска со активностите кои се спроведуваат за подобрување на условите во училиштата и рамномерно спроведување на програмите „Бесплатни учебници“ и „Компјутер за секое дете“. На прашањата поврзани со плановите кои постојат за зголемување на средствата за школувања на деца кои се социјално загрозени, Заменик Министерот одговори дека за средствата кои досега се доделувале била извршена претходна проценка, но ние лобиравме да се зголеми буџетот за образование сe со намера да се отворат нови паралелки и да се вклучат сите деца во училиште.
На средбата, Заменикот Министер потпиша гаранција со која се обврза во текот на неговиот мандат да направи сe што е во негова можност за вклучување на сите деца во образовниот систем и за намалување на неписменоста во Република Македонија.
Како трета активност од Глобалната недела на акција планирана е Јавна расправа – Форум на тема Образовната инклузија на децата кои не одат на училиште. Форумот ќе се оддржи на 27 април 2010 година со почеток во 11 часот во просториите на Општината Кисела Вода, на ул. Првомајска бб, 1000 Скопје.
Целта на овој форум е да се анимираат сите релевантни фактори кои можат да придонесат за надминување на проблемот со децата кои не се вклучени во редовниот образовен систем, како и да се обезбедат механизми за нивно вклучување.
Како и секоја година, така и оваа, Глобалната недела на акција апелира за поголемо вклучување на децата во образованието. И покрај постојните законски регулативи во Република Македонија кои пропишуваат задолжително основно и средно образование, сепак има 18.500 деца кои се надвор од училишните клупи, а вкупно 200.000 лица немаат завршено основно образование. Невклученоста во процесот на образование претставува ризичен фактор за децата за нивно вовлекување во најлошите форми на детски труд, како и нивна подложност на девијантно однесување.
Кампањата е меѓународна и на светско ниво е координирана од страна на Global March Against Child Labour.
На национално ниво, веќе десетта година по ред, кампањата ја координира и организира Првата детска амбасада во светот Меѓаши.
Повеќе информации за кампањата може да најдете на:
www.campaignforeducation.org
http://www.childrensembassy.org.mk/default-mk.asp?ItemID=44BD9F32AE44F34FBE92F5A2689E3944
http://www.childrensembassy.org.mk/default-mk.asp?ItemID=451AFC19A7A9ED4C91B14F462D03D5BA
|