ДРАГИ ЗМИЈАНАЦ, ДИРЕКТОР НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА „МЕЃАШИ“Бројката е многу поголема
Се јавуваат ли деца на СОС-телефонот во Детската амбасада барајќи помош и совет за проблем со малолетничка проституција?
- На бесплатниот СОС-телефон за деца и за млади минатата година имало пријави за само три случаи за малолетничка проституција, што е уште еден показател дека станува збор за прикриени форми, кои тешко се откриваат. Двете јавувања се однесуваа за индивидуални случаи на малолетничка проституција, додека во третиот случај стануваше збор за синџир, каде што малолетни девојчиња се носеле во скриени објекти. За овие појави ги алармиравме надлежните институции од каде што добивме повратна информација дека се постапува по пријавите. Сепак, сметаме дека темната бројка, односно бројот на непријавени случаи за злоупотреба на децата во реалноста е далеку поголема.
Според Вашите сознанија, дали појавата на малолетничка проституција е покарактеристична за помалите места или за поголемите градови?
- Оваа појава постои во сите средини. Главната причина е материјалниот фактор. Сепак, полесно се открива во руралните средини отколку во поголемите градови.
По кои знаци може да се препознае дека некое дете е вклучено во ваков синџир. Има ли некое карактеристично однесување на кое родителите би требало да обрнат внимание?
- Децата многу често даваат знаци дека нешто се случува со нив, но сите родители не ги препознаваат таквите реакции и не реагираат навреме. Дури има случаи кога родителите знаат за оваа појава и ја одобруваат. Станува збор за адолесценти, кои лесно може да потпаднат под влијание на возрасните, а притисокот од лошата економска состојба е само дополнителен фактор за да се вплеткаат во водите на проституцијата. Отсуствува комуникацијата меѓу родителите и децата. Тие се' почесто се чувствуваат несфатени, нема кој да им даде совет за секојдневните проблеми. Но, што е најважно, се чини се' повеќе отсуствува контролниот механизам кај родителите, кои како да ги имаат испуштено децата од своите раце. Кога ќе затаи родителската грижа, мора државата преку своите социјални и образовни институции да дејствува превентивно во заштитата на децата. Сепак, родителите имаат посебна одговорност. Одговорното родителство може да биде најдобра превентива од злоупотреба на децата.
Како да им се помогне на децата што преживуваат такво нешто?
- Во тоа би требало да помогне психосоцијалната поддршка, ресоцијализација и рехабилитација на децата згрижени во прифатилиште за деца-жртви на детска проституција и сексуална злоупотреба, со активно вклучување на стручен тим од психолог, психијатар, социјален работник и педагог. Доколку родителите знаеле и ја одобрувале сексуалната злоупотреба за обезбедување материјална корист, во тој случај бараме одземање на родителското право и нивно кривично гонење.
Како ја оценувате работата на надлежните институции во земјава во справувањето со малолетничката проституција?
- Треба во училиштата, семејствата и преку медиумите да се спроведуваат превентивни програми што ќе влијаат на заштита на децата од детска проституција. Државата, пак, треба да воспостави архива на информации од СОС-телефоните, центрите за социјална работа, полицијата, училиштата и здравствените институции на национално ниво за случаи на сексуална злоупотреба и детска проституција, со цел превентивно и оперативно да се дејствува. Надлежните органи треба да ги заострат санкциите за сторителите на ваквите злоупотреби, а училиштата, центрите за социјална работа, здравствените установи, граѓаните, како и семејството, при најмали знаци за постоење злоупотреба на децата во која било форма, да дејствуваат поактивно во доменот на нивните ингеренции, да го пријавуваат и да ги охрабруваат децата да го пријават сексуалното насилство. (Д.Т.) http://dnevnik.com.mk/?ItemID=4F21DDBEAABF1D4997BCFE9E6F51B3FC
|
|