До каде ќе се шири мрежата со малолетничка проституција Додека полицијата ја шири истрагата, семејствата стравуваат за децата-жртви
Даниела Трпчевска Иван Бојаџиски
ШТИП – До каде ќе се шири мрежата за малолетничка проституција што беше откриена деновиве во Штип? Ова е дилемата што се појави во јавноста по обелоденувањето на скандалозното подведување на малолетнички од страна на две девојки – макроа, кои на клиенти од источниот дел на земјава им ги нуделе девојчињата за секс и за тоа наплатувале од 1.000 до 5.000 денари. Додека полицијата работи на откривање на мрежата, која, најверојатно, функционирала подолг период, семејствата на децата-жртви стравуваат за нивната иднина.
„Мојата ќерка веќе не излегува од дома, по цел ден е затворена во својата соба и како и нејзината другарка, е под силен стрес. Се плашам за нејзината иднина“, се исповеда мајката на едно од двете девојчиња вплеткани во синџирот на проституција. Центарот за социјални работи одлучи децата да ги врати во своите семејства, со оглед на тоа дека немало индиции за никаква злоупотреба дома. Но, според експертите и психијатрите, ниту една од институциите не смее да заборави дека децата се само жртви во целата ситуација и дека им е неопходна стручна помош за да ги наминат стравот, траумите и осудата од околината каде што живеат. Според нив, најголема пречка за тоа е непостоењето прифатилиште во земјава за згрижување на децата - жртви, каде што тие би ја добиле неопходната стручна помош за надминување на траумите.
Дека случајот не е окончан и би можел да се шири и натаму, потврдуваат и во СВР - Штип. Засега е неизвесно дали во синџирот на малолетничка проституција биле инволвирани и други деца - жртви и колкава е листата на клиенти, кои изминативе години плаќале за сексуални односи со малолетнички. Во Штип се' погласно се говори дека проституција во градот е многу пораспространета од она што е досега откриено. Проблемот е во тоа што таа сега има многу пософистицирани форми, коментираат граѓаните..
„Во општество со изразена социјална нерамнотежа во кое само мала група има голем капитал, а се' друго одвај го крпи денот, во услови кога на младите девојки секојдневно преку електронските медиуми како некаква врвна доблест им се сервираат лесните аспекти на животот, меѓу кои доминира сексуалноста на жената, продавањето на младото тело се' повеќе се прифаќа како доблест на новото време во кое нема никакви морални содржини. Оттука имаме потреба од засилување на борбата против овој вид криминал“, велат психолозите.
Синџирот на малолетничка проституција, кој, очигледно, функционирал подолго време, е разоткриен по пријава на мајката на едно од девојчињата, која забележала дека нешто чудно се случува со нејзиното дете.
„Случајот на мојата малолетна ќерка го откривме случајно. При еден нејзин телефонски разговор, кој ми се виде непримерен за нејзини години, и' го зедов телефонот, а сериозен машки глас од другата страна ми рече: „Кажи кукле“. Тогаш ми стана јасно дека нешто не е во ред и случајот го пријавив во полиција. Оттука започна да се одмоткува клопчето“, раскажува мајката на малолетничката.
Кулминацијата се случила кога девојчето, кое нема ниту 14 години, исчезнало од дома повеќе од 24 часа. „Кога го зедов мобилниот телефон од ќерката, таа веднаш побегна од дома. Дури по 24 часа ја најдовме со нејзината другарка во Охрид каде што ги однел некој таксист. Потоа двете беа во полиција каде што дадоа изјава“, вели мајката исповедајќи се за случувањата во нивното семејство.
Мајката, која нема повеќе од 40 години, вели дека се случило кај ќерка и' да најде 500 денари, иако знаела дека детето со себе нема ниту денар. Девојчето се правдало дека парите се на нејзина другарка. „Таа е мирно, повлечено девојче, но во последниот месец започна доцна да си доаѓа, а јас ја прашував зошто доцни. Таа ми одговараше дека сите млади доаѓаат дома на полноќ. Кај неа не забележав ништо необично, немаше скапа облека, немаше пари или парфеми“, раскажува мајката, тврдејќи дека девојчето растело во нормално и стабилно семејство.
Експертите и психијатрите се поделени околу мислењето дали постои профил на семејство каде што децата се подложни на злоупотреби, или едноставно сите семејства се ризични на свој начин. Додека дел од активистите за заштита на детските права велат дека дисфункционалните семејства и лошата економска и социјална положба полесно ги втурнува децата во проституција, искуствата на психијатрите покажуваат дека ваквите случаи се покарактеристични за поимотните семејства, каде што односите се многу позатворени и контролата на децата е многу помала од страна на родителите.
„Ваквите појави на малолетничка проституција ги има и во помалите и во поголемите средини. Но, граѓаните мора да ги пријавуваат ваквите случаи, оти молчењето не е решение, следната жртва може да биде токму нивното дете!“, вели Драги Змијанац, од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Според него, постои целосна дисфункционалност на системот за одбрана и заштита на децата, а сите институции ја ишкаат од својата глава.
„Центрите за социјални работи се бранат дека не можат да влезат во семејствата ако нема дојава, училиштата се фокусирани само на едукацијата на децата, полицијата реагира само по пријава, а родителите се презафатени, бркаат бизниси и немаат време за своите деца. Тогаш кој ќе се грижи за децата?“, прашува Змијанац, укажувајќи дека станува збор за сериозен проблем на кој со огромно внимание треба да му пристапат сите надлежни институции.
http://utrinski.mk/?ItemID=28B328B9CA1D194B8257A9D646D8E361
|
|