Почетна » Архива » 2010



Дневните центри за деца на улица

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека дневните центри се со привремен карактер, како и дека иако тие значат многу за децата, сепак не се решение за проблемот за децата на улица   
      
Надвор од воспитниот процес, цел ден на улица, недоволно нахранети, без здравствена заштита и без вистинска детска игра. Ова е сликата за оние деца што секојдневно ги среќаваме низ улиците на градовите во земјата. Според процените на некои невладини организации, низ државата околу 2.000 деца секој ден просат, мијат прозорци на автомобили, продаваат под ведро небо. Експертите велат дека тоа го отсликува бедниот живот на ромската популација, а пошироката јавност не гледа дека тоа е трговија со деца. Министерството за труд и социјална политика изминатите години се обидува да ја подобри состојбата со децата на улица и да формира центри за деца на улица, со што тие ќе се згрижат, ќе добијат воспитно-едукативни услуги, ќе добијат советувалишна работа со семејствата на децата, културно-забавни и рекреативни услуги.

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека дневните центри имаат привремен карактер, како и дека иако тие значат многу за децата, сепак не се решение за проблемот за децата на улица.

- Во дневните центри децата се стекнуваат со основните хигиенски навики, се описменуваат и се охрабруваат да почнат и да се вклучат во основното образование. По напуштањето на центарот тие се повторно препуштени на улица и токму тогаш се притиснати од егзистенцијалните потреби и барања на своите родители и мораат да работат, да продаваат дребулии или да просат, а тоа ги повредува основните детски права - објасни Драги Змијанац, директор на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Тој додава дека ако децата на улица се вклучат во училиштето, ќе бидат дел од образовниот процес и ќе имаат други навики и потреби, што значи дека ќе треба да ги исполнуваат училишните обврски. Но, како што смета Змијанац, овие центри не се решение за нивните проблеми.

Душко Миновски, поранешниот државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, вели дека згрижувањето во овие дневни центри е еден вид превенција од работна или сексуална експлоатација.

- Во текот на денот во овие центри циркулираат од 30 до 50 деца, кои се учат на основните хигиенски навики, како и со основни образовни начела. Таму добиваат по два оброка дневно, гледаат и филмови. Во иднина имаме план да ги вклучиме и семејствата на тие деца, со што ќе им наметнеме родителска одговорност. Деведесет отсто од децата што ги наоѓаме на улиците се Ромчиња. Несомнено е дека за дневно да се згрижат околу 2.000 деца на улица во земјата, треба да се отворат повеќе центри, а во тоа да се вклучат и локалните власти - додаде Миновски.

Тој вели дека за еден дневен центар за деца на улица да функционира нормално се потребни четири-пет воспитувачи.

Министерството за труд и социјална политика пред еден месец во Битола отвори дневен центар за згрижување деца од улица, проект што го реализира со поддршка на италијанската амбасада, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и на битолската општина. Ова е третиот дневен центар за деца на улица што е отворен во Македонија. Другите два центри се сместени во Скопје, во населбите Автокоманда и Кисела Вода.

Џељаљ Бајрами, министерот за труд и социјална политика, најави дека такви центри ќе бидат отворени и во другите градови низ државата, како Прилеп, Охрид и нов транзитен центар за деца на улица во Скопје.

- Во Скопје наскоро треба да биде отворен транзитен дваесет и четиричасовен центар за деца на улица. Децата што ќе бидат затекнати на улица ќе бидат згрижени во центарот, а со нивните родители ќе водиме разговор за причините за нивното постојано присуство на улица. Ако се случи тие деца повторно да бидат на улица, ќе ги преземеме сите законски мерки, вклучувајќи и одземање на родителското право - посочи Бајрами на последното отворање на центарот во Битола.

Децата на улица како исклучително ранлива категорија често се предмет со луѓе што ги користат за просење, за сексуална експлоатација, присилна работа или за отстранување органи. Во Македонија сe уште не постои темелна процена на оваа појава.

Децата на улица се деца што цело време или најголем дел од времето го поминуваат на улица. Во литературата се прави разлика помеѓу деца на улица и деца од улица. Деца на улица се деца што најголем дел од времето го поминуваат на улица, но кои во вечерните часови се враќаат дома, за да ја поминат ноќта. Децата од улица се оние што постојано живеат на улица и таму ја поминуваат ноќта.

Децата на улица работат разни работи, кои можат да бидат легални и негални. Под легални работи се подразбираат продавање, миење стакла, чување автомобили, а на овие работи децата често се принудени и претставуваат експлоатација на детскиот труд. Илегални работи се просење, продавање дрога, проституција, кражби и други кривични дела.

Децата што се на улица се поделени на неколку групи, како што се деца без родители, деца со еден родител, деца на разведени родители и деца со нарушени семејни односи. Во државата децата на улица ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни се Роми, кои се застапени со околу 58 отсто на возраст од 7 до 14 години, 58,5 отсто манифестираат социјално неприфатливо однесување, а 11,5 отсто имаат толерантно однесување. Злоупотреба на детскиот труд подразбира деца што се под возраста одредена со закон. Злоупотребата на детскиот труд не значи само физичка работа туку и комерцијална сексуална злоупотреба, како што се детска проституција и порнографија, трговија со деца и деца-војници.

Државата има обврски да обезбеди услови за остварување заштита и права на децата врз основа на потпишани и ратификувани меѓународни документи од областа на човековите права и слободи.