Детските трауми тешко се лекуваат
Децата кои беа силувани од својот татко се сместени во згрижувачко семејство, но нивната судбина останува неизвесна
Неколку дена по обелоденувањето на најгрозоморниот случај на инцест во земјава, се' уште не стивнуваат реакциите за судбината на четирите деца од Велес, кои со години трпеле насилство во семејниот дом. Истражен судија му одреди притвор на таткото кој ги силувал своите три ќерки на возраст од три, пет и седум години, а децата за време на викендов беа привремено одземени од мајката и сместени во згрижувачко семејство. Главното прашање кое сега се поставува е каква ќе биде судбината на децата и дали институциите имаат капацитет за ресоцијализација и рехабилитација на трите малолетни жртви, кои со години трпеле тортура во семејниот дом, токму од родителите кои требало да се грижат за нив и да ги заштитат!
Драги Змијанац од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ смета дека детските трауми тешко се лекуваат. „Дете кое со години било малтретирано и силувано, цел живот ќе има трауми. Тешко дека во ваков случај некој ќе успее да ја санира ситуацијата. Но, случајот од Велес е класичен пример што ја покажува нефункционалноста на системот за заштита на децата. Тоа што недостасува е превентивата - оти се' што ќе се преземе потоа е недоволно – траумите тешко се санираат“, вели Змијанац.
Министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, викендов информираше дека децата се безбедни и оти во новото семејство ќе останат се' додека случајот не се расчисти. „Најдено е најдобро решение и се надеваме дека децата со текот на времето малку ќе го заборават сево ова. Со нив во континуитет ќе работат стручни служби“, рече Бајрами.
Она што предизвикува најголеми дилеми во јавноста е сознанието дека кошмарот во шестчленото велешко семејство траел со години, но сите молчеле за тоа. Насилството испливало на површина откако најстарата ќерка, која, според полициските сознанија, била сексуално злоупотребувана од својот татко во изминативе шест години, одлучила да прозбори и и' ја кажала ужасната тајна на својата мајка.
„Зачудува тоа како сите молчеле за насилството и како мајката не забележала што се случува во домот. Токму затоа ние постојано апелираме дека е неопходна едукација на децата, на нивните родители, но и на наставниците, со цел да го препознаат и да го пријават насилството што ќе го забележат. Тоа се однесува и на најблиските роднини и соседи, кои не треба да молчат“, вели Змијанац. Раното откривање на ваквите случаи, но и поголемата агилност на социјалните работници, кои имаат право и треба да вршат увид во секој дом, можат да ги спречат ваквите аномалии и да ги спасат децата од насилството на возрасните. Како една од мерките за заштита, според експертите, е изрекувањето најстроги казнени мерки, но и навремено одземање на родителското право, таму каде што има знаци дека децата повторно ќе трпат насилство.
„Така нема да ни се повтори случајот од пред неколку години, кога татко- насилник доби право да ги гледа децата, по што ги силуваше малолетната ќерка и нејзината другарка“, потсетуваат од „Меѓаши“ на уште еден случај од Велес. Од „Меѓаши“ бараат насилникот да не одговара како за едно кривично дело за родосквернавење на трите деца, туку секој случај да се разгледува поединечно, со што би му се досудила минимална казна од 30 години затвор за грозоморниот случај на инцест. Според податоците, само првите шест месеци од годината сексуално биле злоупотребени 43 деца, од кои најголем број се регистрирани во Неготино. (Д.Т.)
http://utrinski.com.mk/?ItemID=94B8C71011BE734F96D099CA5FB07FFE |