Почетна » Архива » 2010


Детската амбасада „Меѓаши“ побара најстрога казна за силувачот и ги повикува надлежните институции да не ја исклучат можноста мајката да била соучесник во ова кривично дело.

- Последниот грозоморен случај - татко од Велес континуирано да ги силува своите три малолетни ќерки, покажува отсуство на функционална заштита на децата. Ако мајката знаела и ја одобрувала сексуалната злоупотреба на трите девојчиња, бараме одземање на родителското право на двајцата родители и нејзино казнување, ако таа знаела а не го пријавила случајот.

За да се заштитат децата-жртви на сексуална злоупотреба, треба да се формираат прифатилишта или да бидат сместени во згрижувачки семејства, каде што постојано ќе бидат опкружени со љубов, и да се отворат советувалишта за третман на децата-жртви и на нивните семејства - вели Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.

Според него, децата-жртви треба да добијат основни услови за закрепнување, рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во заедницата.

- Престојот во прифатилиште треба да е привремен, а потоа да се згрижат во специјални семејства. Злоупотребените деца не треба да бидат вратени во семејството затоа што во вакви случаи ќе бидат под притисок на најблиските. Тие не ја разбираат состојбата во која се нашле, поради што многу често ги менуваат изјавите - вели тој.

„Меѓаши“ ги повикува центрите за социјална работа да бидат на терен и да имаат увид во сите дисфункционални семејства, семејства во ризик, семејства со тешка социјална структура, за да се превенира насилството и злоупотребата на децата. Тие бараат социјалните работници да им го одземат родителското право на силувачите или на родителите што ги злоупотребуваат децата.

Според Кривичниот законик, најниската казна за педофили е десет години затвор, а највисока доживотен затвор, а за родосквернавење, предвидено е најмалку десет години робија.(Д.В.)