Почетна » Архива » 2010


Децата не си ги знаат своите права

ИНТЕРВЈУ: M-Р ДРАГИ ЗМИЈАНАЦ, ДИРЕКТОР НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ „МЕЃАШИ“
 
Н: Децата не си ги знаат своите права
 
Г. Змијанац од Вашето долгогодишно работење каков заклучок можете да извлечете, си ги познаваат ли децата своите права? 

Голем број од децата не ги знаат своите права. Доколку децата ги познаваат и разбираат нивните права, тие ќе имаат можност да созреат во одговорни личности кои ќе знаат да ги почитуваат и туѓите права и да се борат за остварување на своите. Иако оваа година ќе се навршат 22 години од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето (КПД), сепак над 70% од децата во Република Македонија, на училишна возраст, не ги познаваат своите права. Ова го покажа истражувањето кое го спроведе Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ на 2.234 ученици, на возраст од 10 до 18 години во 41 основно училиште и 24 средни училишта во 7 градови во Македонија. Врз основа на ова истражување, минатата година група деца членови на Детската амбасада „Меѓаши“ подготвија Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Македонија. Тие ги изразија своите мислења и ставови по низа прашања: колку се запознаени со нивните права и Конвенцијата, колку се почитува мислењето на децата, колку е присутно насилството врз децата и помеѓу самите деца, дискриминацијата, колку се запознаени со институциите кои ги штитат нивните права, каков им е квалитетот на животот и на крај даваат препораки за подобрување на состојбите со нивните права во Република Македонија.
Некои од заклучоците на децата се следниве:
3/4 од децата не ги знаат своите права.
Правото на еднаквост (без дискриминација) е едно од најмалку познатите права (2%).
1/3 од децата тврдат дека професорите (наставниците) не ги почитуваат нивните права.
Половина од децата тврдат дека во нивното училиште има насилство.
 
На што најмногу се однесуваат поплаките кои стигнуваат на адресата на детската амбасада?
 
Од година во година, за жал, се повеќе расте бројот на граѓани кои се јавуваат поради најразлични видови повреди на правата на детето.  Во рамките на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, од 1993 година континуирано функционира првиот бесплатен СОС телефон за деца и млади 0800 1 2222 во Република Македонија.
Овој телефон, како директна служба за помош и поддршка, им дава можност на децата и младите со само еден телефонски повик да добијат помош, совет, психо-социјална поддршка, да разговараат за  проблемите со кои се соочуваат во ова транзициско време, кога родителите се помалку имаат време за разговор со своите деца.
Од почетокот на функционирањето на СОС телефонот до сега регистрирани се над 18.000 пријави на различни видови проблеми со кои децата и младите секојдневно се соочуваат.
Најголем број од овие пријави се однесуваат на насилство и злоупотреба врз децата вклучително и физичкото, психичкото, но и сексуалното насилство чиј број се повеќе се зголемува.
Втори по бројност се проблемите поврзани со бракоразводни постапки, односно прашањата поврзани со доделување старателство, решенија за видување со децата, проблемите поврзани со остварување на родителското право, остварување на правото на алиментација и слично. Правата на детето многу често се кршат во случаи на развод на родителите кога центрите за социјална работа не го уважуваат мислењето на детето за старателство. Дете постаро од 10 години мора да биде консултирано за прашања поврзани со неговиот живот.
Притоа, во последните две до три години, на СОС телефонот за деца и млади значително се забележува пораст и на случаи кои се однесуваат на насилство во воспитно-образовните институции, посебно во оние училишта кои се лоцирани во руралните средини на Република Македонија.
Во сите овие случаи кога јавувачите ни се обраќаат на СОС телефонот, освен што ги пријавуваат случаите, истовремено бараат и правни совети, психолошка помош и поддршка, информации како да им помогнат на децата, каде да се обратат кога се сведоци на кршење на детските права и да го искажат своето незадоволство од работата на државните институции, во случаи кога се занемаруваат детските интереси.
Во рамки на Детската амбасада „Меѓаши“ во тесна соработка со СОС службата, која нуди психолошка помош и поддршка,  функционира и бесплатната правна служба која нуди правни совети и постапување во ситуации кога се прекршени детските права.
Бесплатната правна служба по секоја добиена дојава на СОС телефонот за деца и млади, освен правни совети за граѓаните, реагира и со писмени известувања до надлежните државни и социјални институции секогаш кога тоа е потребно. Досега имаме испратено над 200 претставки до надлежните институции за проверка на состојбата и преземање соодветни мерки и активности со цел брзо решавање на проблемот. Во зависност од видот на проблемот најчесто соработуваме со: центрите за социјална работа, соодветните министерства, Народниот правобранител, јавните обвинители, полицијата, училиштата.
Притоа, од надлежните институции секогаш бараме да нe информираат за мерките и активностите кои ќе бидат преземени од нивна страна, за да може активно да го следиме случајот и повторно да реагираме доколку не е постапено во најдобар интерес на детето.
На овој начин Детската амбасада „Меѓаши“ врши мониторинг врз институциите за нивна поголема ангажираност и брза реакција во решавањето на проблемот, се со цел најдобра заштита на децата.
 
Колку законските норми се доволни за вистинска - суштинска заштита на правата на децата?
И покрај бурните законодавни реформи и пишување политики, децата и нивните семејства, особено сиромашните деца и сиромашните семејства, ги пропуштаат основните права: правото на квалитетна здравствена заштита; правото на образование и правата на учество и вклученост.
Колку една држава посветува внимание на детските права зависи од сите нејзини граѓани, од сите институции, граѓански организации, медиуми, социјално корпоративниот сектор. Македонија може многу повеќе да направи за своите деца! Потребно е само повеќе внимание кон децата и стратешки акции за решавање на горливите прашања, кои секако не ќе можат да се решат преку ноќ, но ако им се пристапи темелно сигурно ќе вродат со плод.
Заштитата на детските права е комплексен и одговорен процес кој мора да се потпира на повеќе сегменти од кои како поважни би ги истакнал: законските норми, односно механизми за остварување и заштита на правата, соодветната информираност на децата и возрасните за правата на децата, како и партиципацијата на децата и возрасните.
Конвенцијата за правата на детето ги обврзува државите потписнички да ги гарантираат правата на детето, во потполност да ги спроведуваат, почитуваат и унапредуваат. Точно е дека одговорноста на родителите или старателите е клучна за развојот на детето, но државата е таа која има обврска да создаде законодавни и други предуслови да им помогне на родителите во остварувањето на правата на нивните деца.
Но, концептот на правата на детето е специфичен во однос на правата на возрасните, пред се поради карактеристиките на популацијата на децата и младите, како и карактеристиките на самата Конвенција за правата на детето. На пример, кога возрасните се жалат на кршења на нивните права, тоа се однесува најчесто на органите на власта, додека кај децата е поинаку, нивните права мора да се штитат и кога ги кршат родителите, старателите, семејството, институциите.
Пропустот во заштитата на детските права најчесто настанува и при имплементацијата на законите, а во одредени случаи тоа се случува поради законодавни празнини и несоодветно регулирање на одредени прашања. На пример, има закони каде што е предвидено дека детето има одредено право, но притоа не се прецизира како детето може да го оствари тоа право, во која постапка, пред кој орган и во согласност со кој закон. Ваквите законски решенија се неприменливи во практиката и наместо да претставуваат унапредување на правата на децата тие претставуваат дополнителна пречка.
Потребно е дополнување и промена на постоечките законски одредби кои ги регулираат правата на децата, како што е потребата за дополнување и изменување на Законот за семејство, Законот за социјална заштита, Законот за заштита на децата и други. Исто така, формирањето детски народен правобранител, како посебна институција, која целосно ќе се посвети на заштита на правата на децата.
 
Колку во Македонија се почитуваат меѓународните конвенции кои ги тангираат правата на децата?
 
Конвенцијата за правата на детето е еден вид рамка за минималните стандарди кои треба да ги почитува секоја држава. Меѓународните конвенции треба да се искористат како дооформување на целокупната законска рамка во Републиката, преку кој ќе се дизајнираат мерки кои нема да остават правни празнини за толерирање кршење на детските права. Мора да наведам дека државните органи при своето работење многу малку се повикуваат или воопшто не ја користат Конвенцијата за правата на детето и објаснуваат дека не може директно да ја применуваат, иако во случај на колизија меѓународните конвенции се во супериорна позиција во однос на националните закони.
Државата е повеќе насочена кон законските измени и што законските норми предвидуваат, а помалку или во одделни делови воопшто не се споменува како тие законски одредби се применуваат во практиката. Нема воспоставен систем на следење како законите се спроведуваат, ниту има информација дека е направена соодветна анализа колку средства се потребни за спроведување на законите.
 
Списание на Народниот правобранител бр. 3
 
Интервјуто го водеше Марија Лазарова Мојсиловиќ