Децата лесен плен на макроата Штипската полиција ја продолжува истрагата за малолетничката проституција и најавува нови апсења
Во Македонија постои развиена мрежа на малолетничка проституција и таа не е лоцирана само во Штип, но откривањето на случаите оди тешко бидејќи децата што се злоупотребувани немаат храброст да ги пријават своите макроа или корисниците на сексуални услуги, тврдат познавачи на оваа проблематика. Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека е поразително што во повеќе случаи родителите знаат за проституирањето на своите деца и премолчано го одобруваат тоа. Социолозите апелираат децата што биле жртви на малолетничка проституција итно да бидат оттргнати од средината во која се жигосани, за да може да имаат релативно нормален живот.
Уште шестмина бизнисмени од Штип, Кочани и од Куманово беа приведени во саботата под сомнение дека биле дел од неодамна откриената педофилска мрежа. Сите имале сексуални услуги со двете 14-годишни девојчиња од Штип. Во полициската акција беа уапсени и две штипјанки што ги подведувале малолетничките на проституција и им наоѓале клиенти.
По приведувањето и притворањето од пред пет дена на бизнисмените П.Т. (63) од Кочани и на трговецот К.И. (42) од Штип, завчера во мрежата на малолетничка проституција се фатени уште шестмина.
Полицијата во саботата ги уапси М.М. (49) и В.Ј. (32) од Куманово, А.Т. (39) од Кочани и М.Ш. (43) од Штип. Против нив е поднесена кривична пријава за полов напад врз малолетник, кој не наполнил ни 14 години. Штипјанките М.Г. (20) и Д.Ј.(23) се осомничени за подведување и овозможување полови дејствија. Една од приведените била во љубовна врска со еден од осомничените бизнисмени. Истражен судија на уапсените им одредил притвор од 30 дена.
Од 1.000 до 5.000 денари
Истрагата утврдила дека двете подведувачки на осмоодделенките им организирале средба со клиентите и такси-превоз за да стигнат на договореното место. Според полицијата, двете штипјанки од јануари до јули годинава во повеќе наврати им организирале средби на малолетничките. За секс-услугите клиентите плаќале од 1.000 до 5.000 денари. Подведувачките поголемиот дел од парите ги задржувале за себе, а остатокот им го давале на двете девојчиња.
Сексуалните услуги најчесто ги договарале и ги давале во угостителски објекти, во автомобили или во становите на осомничените за педофилија. Тие ги носеле девојчињата на викенди во Охрид, од каде што и почнало да се одмотува клопчето. Полицијата открива дека уапсените се бизнисмени, интелектуалци и луѓе од други профили.
Штипјани се згрозени од информацијата дека се зголемува бројот на нивни сограѓани што плаќале за сексуални услуги со двете девојчиња, кои во тој период имале неполни 13 години. Штипската полиција ја продолжува истрагата со малолетничка проституција и најавува нови апсења.
Случувањата од пред четири години, очигледно, за многумина не биле поучни.
Тогаш во Штип беа расветлени неколку синџири на проституција и неколку мрежи на малолетничка проституција. Уште се свежи сеќавањата на Мадам Васка, Бате Ване, Брат Сашо... Во нивната мрежа беа вклучени десетина девојки од Штип, Кочани, Виница. Дел од нив беа малолетни и им даваа сексуални услуги на клиенти од Штип и од источна Македонија. Некогаш за две до три илјади денари, некогаш за канта сирење или за вреќа брашно, во зависност од договорот што подведувачот го постигнувал со клиентот.
Макроата завршија во затвор. Некои од нив ја отслужија затворската казна, а еден осомничен избега во странство веднаш по донесувањето на пресудата.
Осуденик за педофилија од штипското село Крупиште деновиве се обеси во штипскиот затвор. Повеќе не е меѓу живите и едно од малолетните девојчиња што тогаш беа вплеткани во мрежата на проституција.
Според МВР, во првите шест месеци од годинава полицијата регистрирала 41 кривично дело што биле извршени над 43 малолетници, а биле уапсени 48 лица.
Со 30 регистрирани случаи најзастапено е кривичното дело полов напад над малолетник што не наполнил 14 години. Регистрирани се пет кривични дела прикажување порнографски материјал на малолетник кој не наполнил 14 години, четири кривични дела силување и по едно задоволување полови страсти и обљуба врз немоќно лице.
Нема санкции за родителите
По последното расветлување на педофилска мрежа, во штипскиот Центар за социјална работа велат дека во соработка со полицијата и со другите надлежни служби ги преземале потребните мерки за заштита на жртвите. Според Наталија Панова, директорка на Центарот за социјална работа во Штип, нема елементи за поведување постапка против семејствата на двете малолетнички.
- Имаме потенцијал да се справиме со проблемите. Родителите на едното од девојчињата велат дека нивното дете не било запоставено, имало пари колку што во просек имале и нејзините врснички. Тие се жалат што во јавноста повеќе се експонирале постапките на децата, отколку на подведувачите и на возрасните лица што сексуално злоупотребувале малолетнички - изјави Панова.
Психолозите, педагозите и социјалните работници во Штип истакнуваат дека општеството тешко ќе се справува со овие проблеми додека не се подобри економско-социјалната состојба и оти кризното време, кое предолго трае, сиромаштијата и безработицата сериозно ги нарушиле семејните вредности и ги изместиле и нарушиле моралните вредности.
Љупчо Шатевски
Дома лажеле за парите
Родителите на двете девојчиња велат дека последниов месец кај своите ќерки забележувале чудно однесување. Мајката на едно од девојчињата вчера проговори и јавно, со цел, како што рече, да демантира некои шпекулации и невистини во јавноста, особено дека некој им нудел или тие барале пари за да молчат за случајот.
- Последниов месец забележав некои чудни разговори на ќерка ми по телефон. Зборуваше за пари, за СИМ-картички. Еднаш насила и' го зедов мобилниот телефон и слушнав возрасен маж како вели: „Кажи, кукле“. Во неколку наврати наоѓав и пари кај неа, обично до 500 денари. Велеше дека се на нејзини другарки. Во последно време почна и почесто да излегува. Наместо во 9, се враќаше дома пред полноќ. Наводно одела кај другарки. Неодамна ја немаше цели 24 часа. Пријавивме во полиција. Испадна дека била во Охрид. Тогаш почна да се одмотува клопчето. Тие се мирни девојчиња. Сега се под стрес и се' ќе направиме да го преболат лошото искуство - рече мајката.
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=F7C56AEEF1EAA445BB5EDAD5ED6CAC0B |