19. Ноември – Светски ден за превенција од злоупотреба на децата и 20. Ноември – Светски ден на детето
Соопштение до јавноста по повод Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го означи 20 Ноември како Универзален ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата како рамноправни членови на секое општество имаат свои права и истите треба да се почитуваат.
Притоа, два големи настани го одбележаа Универзалниот ден на детето: 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а на истиот ден триесет години подоцна, во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.
Универзалниот ден на детето, ги потсетува возрасните дека децата како ранлива категорија на секое општество, имаат потреба од посебна грижа и помош од страна на возрасните. Потребно е да се почитуваат децата и нивната личност, нивните права, интереси и секогаш да се слушне детското мислење.
Алармирајќи ги владите и граѓанските организации да играат поактивна улога во промоцијата и почитувањето на правата на детето и особено во превенцијата од злоупотреба на децата, светската организација Women's World Summit Foundation (WWSF) во 2000 година го предложи 19 ноември како Светски ден за превенција од злоупотреба на децата.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши како меѓународна организација е активна членка и поддржувач на Women's World Summit Foundation (WWSF) и веќе десетта година по ред заедно со уште 473 организации во 113 земји низ светот го одбележуваат овој ден за превенција од злоупотреба на децата.
Сите држави членки кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето, според член 19 од КПД се обврзаа да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки да го заштитат детето од сите облици на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба....
И покрај тоа, злоупотребата на децата, особено сексуалната, економската, физичката, како и другите облици на злоупотреба и насилство врз децата е универзален проблем и бројот на вакви случаи е во постојан пораст.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши во 2009 година спроведе истражување на тема Перцепција на децата за нивните права, дискриминацијата и насилството врз децата, врз 2234 ученици на возраст од 10 до 18 години.
http://www.childrensembassy.org.mk/?ItemID=DED8E0F2EA1A2B4DB67BFA37D65147EB
Врз основа на резултатите добиени од ова истражување, генерален заклучок е дека над 70% од децата на школска возраст не ги познаваат своите права; 41,6% од децата потврдиле дека биле удрени во семејството, а 57% од децата познаваат други деца кои биле удрени од страна на професор во училиште.
Врз основа на податоците добиени од СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот Меѓаши во 2009-тата година, 48,3% од пријавите се однесуваа на злоупотреба и насилство врз децата (физичко, психичко, сексуално), што е за 9% повеќе споредбено со 2008 година.
Ова е алармирачки проблем кој бара поголемо внимание и заштита, како и превентивни мерки, на семејно, национално и меѓународно ниво. Потребно е синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, како и подобра соработка помеѓу граѓанските организации и институциите на државата, со цел заштита на децата од сите форми на злоупотреба и насилство во сите земји.
|