Почетна » Архива » 2009


ПЕРЦЕПЦИЈА НА ДЕЦАТА ЗА НИВНИТЕ ПРАВА, ДИСКРИМИНАЦИЈАТА И НАСИЛСТВОТО ВРЗ ДЕЦАТА

(извештај од теренско истражување)

 

 
Првата детска амбасада во светот – Меѓаши во перидот од 1ви до 8ми Јуни 2009 година спроведе истражување меѓу ученици од петто до осмо одделение во 41 основно училиште во 7 градови во Македонија (Куманово, Скопје, Тетово, Кичево, Кавадарци, Прилеп и Струмица) и ученици од прва до трета година во 24 средни училишта во во 16 општини -6 града во Македонија (Куманово, Скопје, Тетово, Кавадарци, Прилеп и Струмица) . 

Теренското истражување го спроведоа група од 70 деца и млади, членови на седум граѓански организации: Антико – Кичево, Мајка – Куманово, Совет за Превентива  од Малолетничка Деликвенција – Кавадарци, Порта – Струмица, Љоја – Тетово, Центар за Граѓанска Иницијатива – Прилеп и Детската амбасада Меѓаши - Скопје. 
 

БРИМА Скопје, асоцијативна членка на GALLUP International,  ги обработи податоците користејќи специфични методи за статистичка обработка.

Анкетирањето е споведено на 2234 ученици, деца од 10 до 18 години со помош на анкетен прашалник. Децата ги подготвија прашањата кои сметаа дека треба да бидат застапени а потоа истите беа доработени од страна на стручни лица. Примерокот од 2234 испитаници репрезентативно ја отсликува младата популација во Македонија врз основа на неколку демографски категории. Според етничката припадност на испитаните ученици 1282 (57.4%) се Македонци, 659 (29.5%) се Албанци, 74 (3.3%) се Роми, 44 (2%) се Срби, 33 (1.5%) се Бошњаци, 31 (1.4%) се Турци, 4 (0.2%) се Власи и останати се 19 (0.9%). Дел од испитаниците односно 88 (3.9%) одбиле да одговорат на прашањето за етничката припадност. 
     
Истражувањето е спроведено на случаен примерок на училишта, составен од база на средните и основни училишта во конкретните 7 општини. Тоа ја презентира перцепцијата на децата за нивните права, за насилството и дискриминацијата, ги прикажува тие прецепции во различни форми и нивоа на присутност, како лични доживувања или како ним познати случувања. Според половата распределеност на испитаниците, машки се 1034 (46.3%), а 1078 (48.3%) се женски, а 122 (5.5%) испитаници одбиле да одговорат на прашањето.

Извештајот опфаќа анализа на неколку аспекти од истражувањето, поделени во 3 тематски целини: запознаеност на децата со нивните права и детското учество, дискриминацијата и насилството врз децата. Врз основа на податоците добиени со анализата на истражувањето децата ќе подготват Извештај во сенка кој ќе биде доставен до Комитетот за правата на детето при ООН. Извештајот ќе содржи и препораки до Владата и Собранието на Република Македонија со цел подобрување на состојбата на децата во државата и нивно вклучување во процесите на одлучувања за прашања од нивен интерес. Во согласност со наодите и препораките од истражувањето, Детската амбасада ќе преземе лобирачки активности за потребата од поефикасна заштита на децата во Македонија и практична примена на Конвенцијата за правата на детето од страна на државните институции
 

ЗАПОЗНАЕНОСТ НА ДЕЦАТА СО НИВНИТЕ ПРАВА

И КОЛКУ ТИЕ СЕ ПОЧИТУВААТ

 Генерален заклучок е дека над 70% од децата на школска возраст не ги познаваат своите права, а останатите знаат дека имаат права но немаат подетални информации за нив. Децата и кога може да идентификуваат дека некои нивно право е повредено не знаат каде да се обратат за да го заштитат тоа свое право. Интересен е податокот дека децата најмногу знаат за детските права од училиште, а дури 65% од нив, доколку им се прекршени правата, не би се обратиле во училиштето. Овој заклучок претставува сериозен проблем бидејки се поставува прашањето: како децата ќе се залагаат за своите права доколку не ги познаваат и доколку не можат да ги заштитат во институциите каде го поминуваат најголемиот дел од денот? 

 
табела види 

Децата најмногу биле информирани за правата на детето преку училиштата

табела види 

 На прашањето ,,Дали си слушнал/а за Конвенцијата за правата на детето?’’  (КПД) 

53% од децата одговориле со Да, а 38.5% со Не. Информирањето на децата во однос на КПД се уште не е задоволително. Значајно е што за КПД децата најчесто се информираат од училиштата и медиумите (69%), а помалку од семејствата (33%).

Со цел Децата да се запознаат со нивните права и Конвенцијата за правата на детето, препорачуваме одржување на повеќе часови посветени на оваа тема, потоа трибини, работилници, семинари како и изработка на едукативен материјал (постери, флаери) поделени главно низ училиштата. 

Иако 68.9 % од децата за своите права биле информирани од училиштата, тие за прекршувања на правата не се обратиле во училиштата туку кај родителите 49,7%, полицијата 13,5, а во училиштето се обратиле само 9,1 %.  Веројатно причина за тоа се самите наставници/професори кои децата ги навеле на прво место во однос на непочитување на правата на децата (29,7%) надвор од семејството па потоа другарите 27,8% а соседите 22,8%

Истражувањето покажа дека 60% од испитаниците не се запознаени со СОС телефонските броеви каде можат да се обратат за помош. Од наведените познати телефонски броеви, на 83% од испитаниците познат им е бројот на полицијата. 30% од децата се обратиле на некој од телефонските броеви за помош, од кои 76% отпаѓа на полицијата. Од ова може да се забележи дека децата не се доволно запознаени со телефонските броеви за помош, исклучок од тоа е телефонскиот број на полицијата. 

Истражувањето покажува дека 55-77% од децата се доволно информирани за прашања од областа на образованието, зависности, заштита од ХИВ/СИДА и преносливи болести, култура и здравство. Оваа статистика, сепак се однесува на деца кои одат во училиште и кои се дел од градски семејства. Придобивка на информирање немаат деца на улица, од ранливи групи и деца од рурални средини.

Во семејството, правата на децата најмногу се почитувани од бабите и дедовците а помалку од нивните родители. Според добиените податоци во рамките на семејството најчесто прекршувањето на детските права се врши од страна на брат/сестра. При прекршување на некое право, децата најчесто се обраќаат на семејството, а помалку од 25% се обраќаат на СОС телефоните и други институции.

На прашањето “Кои права не се почитуваат во твоето семејство”  60% од испитаниците одговориле дека тоа е правото на приватност, 32% правото на сопствeно мислење, додека пак 7% одговориле дека тоа е правото на образование.

Непознавањето на правата на идентитет, еднаквост, слобода на избор и дружење, право на информираност, претставува сериозен проблем бидејќи се работи за права од есенцијално значење и права кои се важна одлика на секоја демократска држава. 

На прашањето кој е должен да ги грарантира/обезбеди правата на детето тие одговориле на прво место државата со 71,2%, семејството 68,3%, училиштето 46,8% а граѓанските организации се на четврто место со 19,6%.

Интересно е да се нагласи дека децата за правата на децата најмногу се информирани покрај училиштето, од телевизиите 46,5%, дома 39,1%, преку интернет 28,9%, списание 25,6%, Граѓански организации 10,2%. Но, кога ги прашавме каде си слушнал за Конвенцијата за правата на детето, 21,3% одговориле на вебстраната на Првата детска амбасада во светот и 21,1% од граѓанските организации. По основ ова прашање (каде си слушнал за Конвенцијата за правата на детето ) на прво место е повторно училиштето со 61,2%, медиумите со 60,7%, преку интернет 42,6% и дома со 33,3 %.

Истражувањето покажа дека правото на детето да биде слушнато многу ретко се практикува во училиштата и пошироко. 

На прашањето дали според тебе правата на детето ги вклучува и одговорностите со Да одговориле дури 82,5%. На прашањето „Што според тебе претставува одговорност на детето“ испитаниците одговориле дека одговорност е да ги извршуваат сопствените обврски и да се однесуваат со почит кон другите (до 64%), додека пак многу мал процент (до 1%) одговориле дека одговорност е да ги почитуваат возрасните(родителите), да учат и да ги извршуваат обврските во училиште. 

За овој податок, самите деца кои го спроведоа теренското истражување сметаат дека зборува за тоа дека почитувањето на возрасните и родителите е од најмала важност за децата. Според нив за да се смени ваквата ситуација неопходно е семејството да функционира на подемократски начин, односно повеќе да се почитува и да се зема во предвид мислењето на детето при донесувањето на одлуки за семејството, со што меѓу другото  ќе се воспостави и пријателски однос помеѓу родителите и децата и со тоа и повеке ќе ги почитува.

Потребни се дополнителни напори да се обезбедат обуки на наставниот, здравствениот, социјалниот и друг кадар од оваа област во контекст да се направи целосно запознавање со одредбите на Конвенцијата за правата на детето.

Иако правата на децата станаа дел од задолжителната наставна програма во основните училишта преку предметите Запознавање на околината и Граѓанско општество, сепак се чини дека тоа се уште не е доволно, потребни се дополнителни чекори за децата да се запознаат со нивните права, а уште повеќе за да се почитуваат.
 

НАСИЛСТВО

(УЧИЛИШТЕ, СЕМЕЈСТВО)
 
Генерален заклучок е дека насилството е насекаде присутно во енормно висок процент (во семејството, училиштето, улицата, меѓу врсниците). Според децата кои го спроведоа теренското истражување, повеќето случаи на насилство остануваат невидливи затоа што децата се плашат да зборуваат за тоа. Нивната препорака е децата да се охрабрат да зборуваат за овие проблеми затоа што молчењето го отежнува решението на проблемите
 

НАСИЛСТВО ВО УЧИЛИШТЕТО

Не не изненадува толку податокот што 57% од децата познаваат деца кои биле удрени од страна на наставник/професор, колку податокот што 35% од децата се информирани за постоење на насилство од страна на деца врз професорите/наставниците.

На прашањето Дали во твоето училиште се случува насилство? -  дури 56% од учениците одговориле потврдно, а 14% од нив одговориле дека тоа насилство се случува секојдневно. 

Во средните училишта насилството е за 6%  позастапено отколку во основните.

Децата ги дефинирале следните облици на насилство во училиште.

Погрдни имиња и прекари 65,7%
Навредување 58,6%
Ширење невистини – озборувања 56,1%
Удирање – тепање, високи 55,6%
Заканување со физичко насилство 48,1%
Меѓу облиците на насилство кои постојат во училишните средини се вбројува и сексуалното вознемирување за кое 9% одговориле потврдно. Сметаме дека оваа бројка е поголема бидејќи голем дел од децата не знаат што се се подразбира под сексуално вознемирување (најверојатно бидејќи во училиштата не постои сексуално воспитување), а дел од нив се срамат да признаат.
 
На прашањето

Dali poznava{ dete koe profesor/profesorka go udrilo? - 57,4% одговориле позитивно. 

На прашањето

Дали си информиран/а за случаи на насилство на ученик врз професор/професорка? -  потврдно одговориле 35% 

Но кога ги запрашавме на кој начин професор удрил дете:

табела види 

Како најзастапени облици на психичко насилство помеѓу професор – дете се среќаваат следниве категории:

табела види

Од овие табели, се поставува прашањето дали професорите го сметаат физичкото насилство за поефикасна педагошка мерка, па затоа го применуваат и сметаат дека би можело да се толерира?
 

Повеќето случаи на насилство во училиштето остануваат невидливи затоа што децата се плашат да кажат. Децата треба да се охрабрат да зборуваат за насилството затоа што молчењето го отежнува решението на проблемите

 
Вулгарните зборови се прв облик на насилство од страна на децата кон професорите за разлика од професорите кон децата  кога шлаканиците се на прво место.

 
На прашањето дали си информиран/а за случаи на насилство на ученик врз професор/професорка потврдно одговориле 35%!

табела види


НАСИЛСТВО ВО СЕМЕЈСТВОТО,  ПОМЕЃУ ВРСНИЦИ, НА УЛИЦА
 

64% од децата одговориле дека во нивните семејства нема насилство, додека пак 21%  од децата се изјасниле дека има насилство, од кои 2.3%  одговориле дека тоа се случува секојдневно. Но, иако 64% од децата одговориле дека нема насилство во нивните семејства, на прашањето Дали биле удрени во семејството, 41,6% од децата потврдиле дека биле удрени во семејството, што е за само 15,8% помалку од процентот на децата кои биле удрени во училиште, како и потврдата дека 35,9% биле удирани на улица
 

На прашањето „Дали ти се случило ти лично да удриш-тепаш некој член од твоето семејство?“ со да одговориле 15.5% од кои машки се 14% а женски 18%. Во однос на психичкото насилство најизразени категории се навредување (30%) и исмејување (18%). Ова е најизразено кај учениците од трета година (45% навредување; 24%-исмејување). Според децата истражувачи, најверојатно тоа се должи на тоа што станува збор за повозрасни деца кои се физички и ментално поразвиени  и врз кои родителите не можат да применат физичка сила. Слична процентуална застапеност има и во спротивна ситуација кога децата лично навредуваат или исмејуваат некој член од семејството. 


Насилство помеѓу врсници

Повеќе од половината (64,2%) од децата одговориле дека е присутно насилството помеѓу нив. Тие одговориле дека најчесто како облик на насилство е употреба на шлаканица, на веднаш потоа е насилството со вулгарни зборови или закани. Највисок е процентот на децата кои одговориле дека биле навредени од соученик. Не е занемарувачка и бројката на деца кои одговориле дека лично удриле некој врсник (21,8%) со поголема застапеност помеѓу машките и исто така повисока е процентуалната застапеност помеѓу среденошколците отколку кај основците. 
 

Според резултатите од анкетета дури 65% деца одговориле дека постои насилство на улиците од кои 22% се изјасниле дека тоа се случува секојдневно.

На прашање каде може да се обратиш за помош, децата ги навеле итните служби и информации (192,193,194 и 188) а потоа СОС линиите, од кои СОС телефонот за деца и млади го знаат само 25% од децата.
 

табела види 

Може да се забележи дека телефонскиот број 192 на Полицијата е најфрекфентен каде децата се јавуваат и бараат помош со 76,2, потоа следува СОС телефонот за деца и млади 0800 12222 со 20,1 СОС за помош со дрога 13.0% и СОС за помош со трговија со луге 12.6%

 

                                      ДИСКРИМИНАЦИЈА

Генерален заклучок е дека основниот принцип и право да не се биде дискриминиран/а е најмалку познат кај децата, што воедно укажува и на опасноста дека тие и во ситуации кога се дискриминирани не го забележуваат тоа како дискриминација, затоа што и немат доволно познавање за истото. Нужно е во поцесот на образование да се посвети поголемо внимание на подигање на свеста на педагошкиот кадар и учениците за прашања од областа на (не)дискриминацијата.

 
Само на 1,3% од децата им е познато правото на еднаквост (без дискриминација)!

 
39% од децата анкетирани во ова истражување сметаат дека некогаш во некоја ситуација биле дискриминирани а 40% чувствуваат дека во некоја ситуација биле обесправени и тоа поради: возраста (44%), социјалното потекло 23%, етничката група на која и припаѓаат (17%), полот (16%), вероисповест (15%). Дискриминацијата по пол повеќе ја чувствуваат девојчињата (19,1%) отколку момчињата (12,2%)
 

Како најчеста основа за дискриминација децата ја навеле возраста што според нас укажува на фактот дека децата не се третираат доволно рамноправно со возрасните и не се постапува кон нив како кон субјекти. Следува дискриминацијата врз основа на социјално потекло, јазик, потоа етничка припадност, пол и вероисповед. 
 

Дискриминацијата врз основа на возраст најзастапена е во градовите Кавадарци и Кичево (со 60%), а најмалку во Тетово и Куманово. (40%). Возраста како причина за дискриминација најмногу ја чувствуваат учениците/чките од 7 одд.,(секој/а втор/а се чувствува за дискриминиран/а) а најмалку учениците/чките од 8 одд. (секој/а трет/а се чувствува за дискриминиран/а)
 

23% од децата одговориле дека нивното социјално потекло е основа за дискриминација односно тоа создава поинаков однос врз нив од страна на другите. Половина од нив изјавиле дека се чувствуваат дискриминирани врз основа на социјално потекло од страна на другарите, а 44 % од страна на професорите, 
 

Една четвртина (23%) од децата одговориле дека нивното социјално потекло е основа за дискриминација односно тоа создава поинаков однос врз нив од страна на другите и тоа, половина од нив рекле дека се чувствуваат дискриминирани врз основа на социјално потекло од страна на другарите, а 44 % од страна на професорите. 
 

Социјалните разлики и јазови кои постојат во општеството се одразуваат во односот на професорите кон децата и се рефлектираат и меѓу самите деца.
 
табела види 

Околу 20% од децата одговориле дека се чувствуваат дискриминирани поради своето етничко потекло. Од нив момчињата (27%) се чувствуваат подискриминирани од девојчињата (16%). Истражувањето покажува дека овој вид на дискриминација е најзастапен меѓу самите деца. Нееднаквиот однос по оваа основа, децата го доживуваат од своите другари/ки (46%), соученици (30,8%). 


Дискриминацијата врз етничко потекло е најзастапена во градовите Тетово (31%) и Кичево (32%), соодветно на  дискриминацијата по јазик, што укажува на потребата од преземање мерки со кои би се делувало во правец на намалување на појавата, особено преку соодветни училишни програми.
 

Момчињата се чувствуваат подискриминирани (22%) по оваа основа од девојчињата (12%). Овој вид дискриминација доминира во прва год. средно училиште (23%), најмалку е застапена во трета год. средно (10%).
 

Дискриминацијата врз основа на пол повеќе ја чувствуваат девојчињата од момчињата (разлика од 8%). Како и претходните две основи на дискриминација и оваа основа е најзастапена во Тетово (20%) и во Кичево (21%).
 

Дискриминацијата врз основа на пол повеќе ја чувствуваат девојчињата од момчињата (разлика од 8%). Како и претходните две основи на дискриминација и оваа основа е најзастапена во Тетово (20%) и во Кичево (21%). Најмногу се случува кај учениците од прва год. средно (23%), а најмалку во трета год. средно. (11%).
 

Јазикот како основа за дискриминација е најизразен во Тетово (29%), а најмал е во Кавадарци. (6%). Најчесто се појавува во 6 одд., а најмалку во 3-та гоодина средно училиште.
 

Вероисповедта како основ за дискриминација е најзастапена кај децата од 5то од. (31%), а најмалку во трета год. средно (5,7%) и најчесто се случува во Тетово (25%) и Кичево (32%).
 

Повеќе информации за истражувањето види на www.childrensembassy.org.mk 
 

Благодарност до:
 

-         сите деца (70) кои го спроведоа теренското истражување и координаторите

-         сите 65 основни и средни училишта кои дозволија ова истражување да биде спроведено

-         локалната самоуправа (16 општини): Струмица, Кавадарци, Тетово, Куманово, Прилеп, Скопје и Кичево.

-          финансиерите на истражувањето како една од активностите предвидени со проектот „Градење култура на детско учество“, финансиран од Европската Комисија, како дел од програмата за европски инструмент за демократија и човечки права – (ЕIDHR) и кофинансиран од УНИЦЕФ.

Повеке информации тука

http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=116546

http://kanal5.com.mk/default.aspx?mId=37&egId=13&eventId=55424