Почетна » Архива » 2009


Очув со месеци ја силувал малолетната посвоена ќерка
Време, број 1659, 30.04.2009



НОВ СЛУЧАЈ НА ПЕДОФИЛИЈА ВО ПРИЛЕП Очув со месеци ја силувал малолетната посвоена ќерка Петнаесетгодишно девојче од Прилеп цели четири месеци било силувано од својот очув. Мајката на тинејџерката, која е болна од карцином, пред неколку дена дознала за кошмарот низ кој поминува нејзината ќерка, но веднаш не го пријавиле сопругот в полиција плашејќи се да не останат на улица, објави прилепската полиција.


Кошмарот на девојчето почнал на почетокот на годината, кога 56-годишниот Стојан Р. неколкупати сексуално го злоупотребил. Очувот педофил ја пречекувал пред училиште и ја носел надвор од градот, каде што ја соблекувал и ја силувал малолетничката. Тој ја бакнувал, ја допирал по телото и по нозете, а кога ја носел надвор од градот, ја соблекувал до половина и ја допирал по градите. Очувот дури се дрзнал да му предложи на девојчето да имаат сексуални односи кога нејзината мајка ќе замине во болница. Мајката, која е болна од карцином, неколку дена пред да замине в болница забележала дека нешто чудно се случува со ќерката и со сопруг. Тогаш дознала дека тој сексуално ја малтретира ќерка и, но се плашела да го пријави в полиција за да не ги избрка од дома. Девојчето, ученичка во прва година гимназија, не можело да го издржи сексуалното малтретирање и двете се охрабриле и го пријавиле очувот педофил. Прилепската полиција го привела педофилот и со кривична пријава вчера е изведен пред истражен судија.
Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ објаснуваат дека се почестите случаи на педофилија покажуваат дека состојбата е алармантна и застрашувачка.
- Загрижува фактот дека секоја недела добиваме пријави за случаи на педофилија и на родосквернавење. Возрасните, родителите и државните институции покажуваат нефункционалност во својата грижа. Кој ќе ги заштити децата ако тие што треба да ги заштитат, најблиските, се тие што ги силуваат и ги злоупотребуваат. Се прашувам дали наставниците, педагозите и психолозите ја заборавиле улогата на воспитувачи - вели Драги Змијанац, извршен директор на „Меѓаши“.
Змијанац одговорноста ја бара и од Центрите за социјална работа, кои треба навреме да им го одземат родителското право на родителите што се силувачи или на родителите што ги злоупотребуваат децата. Тој објаснува дека државните институции ја преземат одговорноста за сигурноста и за здравјето на децата секогаш кога тоа не го добиваат од родителите. Змијанац истакнува дека државата мора да се мобилизира и да ја прими пораката дека не се сите родители по автоматизам и одговорни родители.
Валентина Стојанчевска, Време 30.4.2009

http://vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=1&EditionID=1691&ArticleID=112834