Почетна » Архива » 2009


Меѓународен ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата во светот 

0800 12222(бесплатна линија)


По повод 17 – ти мај – Меѓународниот ден на СОС линиите за помош и поддршка на децата во светот, Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја информира јавноста за состојбата на нашиот бесплатен СОС телефонот за деца и млади 0800 12222 а воедно и потсетува за значењето кое го имаат линиите за помош на деца. 
 
СОС телефон за деца и млади (0800 12222) во рамките на Првата детска амбасада во светот Меѓаши континуирано работи веќе 16 години.

 Досега, од 1993-2008 на нашиот СОС телефон за деца и млади 0 800 1 22 22  имаме регистрирано 17.407 повици. Во 2008 година, СОС телефонот за деца и млади 0800 12222 одговори на 360 повици и е интервенирано во 199 случаи. Повиците во 2008 година се однесуваат на проблеми поврзани со злоупотреба и насилство врз деца (39,19), потоа семејни односи (34,17),  правни работи (7,53), училишни проблеми (5,53), проституција, питачење, малолетничка деликвенција ( 2,51). 

 


Во однос на 2007 година, во 2008 година зголемен е процентот на јавувањата за  злоупотреба и насилство врз деца (за 25,76%), семејни односи (за 9,55%), прашања за правни работи (за 3,8%) и др. 

 Постојат повеќе причини зашто децата се јавуваат на СОС бесплатниот број 0800 12222. Децата претставуваат ранлива група во секое општество. Тие се инволвирани во семејните проблеми и зависни од постапките на возрасните, кои пак не секогаш свесно и правилно постапуваат со децата. И затоа линиите за помош на деца им ја даваат можноста на децата да добијат помош и да ги изразат нивните проблеми.  Функцијата на СОС телефоните е од огромно значење и важност, бидејќи тие претставуваат значаен механизам на поврзување со децата што овозможува гласот на секое момче и девојче да биде слушнато. Нивната мисија е да одговорат на детските потреби за грижа и заштита. Добро е да се знае дека од помошта/поддршката децата ги дели само еден телефонски повик.

Оваа услуга ја овозможуваат многу млади луѓе, студенти и професионалци - психолози, социјални работници, правници и сл. на волонтерска основа. Тие први се соочуваат со апелот за помош. Истовремено, Првата детска амбасада во светот Меѓаши, при интервенцијата на овие случаи, соработува со Народниот Правобранител, а за одредени случаи кога е потребно ја насочува својата интервенција кон полицијата, судовите, Центрите за социјална работа, училиштата и други  релевантни институции.

 Првата Детска Амбасада во Светот Меѓаши е дел од меѓународната мрежа Child Helpline International - која ги обединува СОС сервисите за помош на деца од земји ширум целиот свет. Така, на 17 мај заедно го одбележуваме фактот што ниедно дете не е само.

СОС бесплатната  линија за деца и млади 0 800 1 22 22 нуди услуги кои се од големо значење за помош на децата и заштита на нивните права. Апелираме до претставниците на Владата, локалната самоуправа, телекомуникациските служби и социјално одговорните бизнис партнери финансиски да ги поддржат СОС линиите кои им помагаат на децата.

Воедно упатуваме благодарност до  Македонски телекомуникации кои од 2005 година овозможуваат бесплатна линија за сите јавувачи до нашиот СОС телефон за деца и млади.

За сите дополнителни информации обратете се до контакт лицата:

Јагода Насковска, социјален работник  и Ангелина Чалакоска