Почетна » Архива » 2008


Тепаното дете од Пехчево болно и од шуга

Засега не знаеме дали единаесетгодишното дете од Пехчево заболело од заразната болест поради третманот во Домот за деца „11 Октомври“, велат од Детската амбасада Меѓаши



Единаесетгодишното дете од Пехчево, кое боледува од рак и кое пред една недела побегна од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје бидејќи го тепале, вчера било прегледано од лекар, кој утврдил дека тоа боледува и од шуга. Болното момче кога дошло дома се чешало по целото тело. Засега не е познато дали детето ја фатило заразната болест поради третманот во Домот. Тоа тврди дека во Домот „11 Октомври“ го тепале воспитувачи, а 20 дена не примило неопходен лекарски третман и не му менувале долна облека. За случајот, кој го обелодени Првата детска амбасада во светот Меѓаши, се заинтересира и Министерството за труд и социјала политика, но и Народниот правобранител.  Лекар утврди дека детето боледува и од шуга, но не знаме дали болеста ја добило поради третманот во Домот. Тоа е во тешка здравствена состојба и е прашање зошто не било однесено на Клиника оти каква нега може да добие во Домот за деца. Целиот случај го отвора проблемот со таканареченото виктимизирање на децата. Ако тие се жртви на семејно насилство, не треба да бидат одвоени од домот туку треба да се отстрани насилникот - велат во Амбасадата Меѓаши.Вчера контактиравме и со детето, кое сега е со своите родители во Пехчево, но две години помалата сестра е се' уште во Домот.

- Не сакам да се вратам во Домот оти таму ме тепаа и ме малтретираа. Дома ми е убаво, но сакам и мојата сестра да ја пуштат дома. Сега се чувствувам подобро и воопшто не сакам да чујам да ме вратат во Домот - вели детето чиј идентитет од разбирливи причини нема да го откриеме. Мајката на болното момче вели дека на 4 декември годинава Социјалната служба од Берово и' ги одзела децата додека биле на училиште без писмено да ја известат. Таа бара помош да се реши целиот случај и демантира оти била жртва на семејно насилство.

- Мојот сопруг има проблеми со срцето и е дијабетичар. Тој воопшто не пие алкохол. Не знам од каде излегоа приказните дека ние сме жртви на семејно насилство - вели мајката.И нејзиното дете потврди оти татко им не ги тепал.

- Ако ме тепаа, немаше да се вратам дома. Не е точно дека мојот татко е алкохоличар - вели тоа. Единаесетгодишникот, исплашен од целиот случај, на вработените во Амбасадата Меѓаши им рекол оти ќе се фрли под автомобил ако го вратат во Домот. Засега е неизвесно каква ќе биде судбината на децата. Нивната мајка објаснува дека тие треба да останат во Пехчево. Од друга страна, во Центарот за социјална работа во Берово велат дека заштитата на децата е неопходна и дека тие треба да бидат надвор од семејството се' додека не се средат односите во самото семејство.

Стручниот тим на Центарот смета дека родителите не ги извршуваат родителските должности и дека континуирано долг период децата се посредни жртви на семејно насилство. Поради тоа Центарот врши надзор на вршењето на родителското право, со намера, ако постои основа, да се покрене постапка пред суд за одземање на родителското правото на двата родитела.Драги Змијанац, директор на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, вели дека одземање родителско право е крајна нужда, која не е потребна во случајот.

- Одземање родителско право има само во случаи кога родителите сексуално ги злоупотребуваат децата. Во овој случај децата не треба да се одвојат од нивната мајка - објаснува Змијанац. Вчера претставници од канцеларијата на Народниот правобранител се сретнале со в.д. директорката на Домот, Соња Миташева-Јосифовска.  Се' уште не ми е јасно зошто од Амбасадата Меѓаши не можеме да добиеме авторизирано известување за овој случај. Случајот е испитан, но се' уште не можеме да ги коментираме обвинувањата додека не добиеме известување - вели Миташева.Според Змијанац, случајот со детето од Пехчево покажува колку „грижа“ се води за штитениците во Домовите.

ИНФО-Одземање родителско право е крајна нужда

Детето вчера било прегледано од лекар, кој утврдил дека тоа боледува и од шуга. Засега не е познато дали детето ја фатило заразната болест поради третманот во Домот.Неговата мајка бара помош да се реши целиот случај и демантира оти била жртва на семејно насилство.Драги Змијанац, директор на Амбасадата Меѓаши, вели дека одземање родителско право е крајна нужда, која не е потребна во случајот.

 (А.М.)

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=65427DB88BC9D44090E11C0F77A0BF4E&arc=1


26.12.2008