Почетна » Архива » 2008


Светски ден за превенција од злоупотреба на децата (19 Ноември) и Светски ден на детето (20 Ноември)



Првата детска амбасада во светот - Меѓаши потсетува на два значајни датуми за почитување на детските права во светот. Денес, е Светски ден на превенција од злоупотреба на децата, а утре, Светскиот ден на детето.

Секоја година, над 1 милион деца се вовлечени во трговија со деца, детска проституција. Скоро секој ден слушаме за злоупотреба на деца. Дури и вработени во почитувани меѓународни организации се најдени виновни што биле инволвирани во сексуална злоупотреба. Очигледно е дека е потребно да се изгради ефикасен и ефективен систем што содржи зголемени културолошки мерки и зголемување на јавната свест, како  и поттик за помасовна акција за спречување на злоупотребата.

 

Во Македонија секоја година над 1.000 деца стануваат жртви на полови напади. Жртвите најчесто се на возраст меѓу 11 и 18 години. Извршители на овие кривични дела најчесто се родители, пријатели или соседи.

 

Светските податоци говорат дека само 30% од децата жртви се откриваат и пријавуваат. Статистиките покажуваат и дека од децата жртви на сексуална злоупотреба  од женски пол се петпати почесто жртви отколку децата од машкиот пол, односно секое трето девојче и секое седмо момче се жртви на сексуална злоупотреба.. Во 89,75 % случаи злоставувањето трае повеќе години, а во 10,25 % случаи повеќе месеци. На нашиот СОС телефон за деца и млади 0800 12222 досега од вкупно 17100 разговири 1764 се пријавени случаи за насилство над децата (економско, сексуално и физичко)

 

Во Република Македонија има 18.500 деца на возраст од 7 до 18 години кои не се вклучени во училиштата иако школувањето како задолжително е загаранитирано со Уставот. Околу 2000 деца се на улица. Најчесто овие деца се и жртви на најлошите форми на залоупотреба. Тие се исклучени од воспитно образовниот процес  и се најчести жртви на сексуална злоупотреба, на педофилија, трговија со деца, деца на улица и деца чиј труд се злоупотребува

 

Според чл.19, 34, 36, 39 од оваа Конвенција за правата на детето државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање, да ги заштитат од физичко или емоционално насилство, злоупотреба и запоставување, од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба, од сите други облици на експлоатација штетни за детето, и да преземат мерки за подобро физичко и психичко закрепнување, како и за социјална реинтеграција на детето кое е жртва. За таа цел, особено е значајно државите членки да ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултиратерални мерки за спречување на  најлошите форми на сексуална злоупотреба и искористување.

 

Република Македонија во 1993 ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето и со тоа се обврза да направи напори за успешно спроведување на обврските од истата. Исто така, Република Македонија во 2002 година стана потписник и на Конвенцијата за забрана и за елиминација на најлошите видови на детски труд донесена од страна на Меѓународната организација на трудот МОТ во која беа потенцирани најлошите видови на детски труд и обврските за државите потписнички што треба да ги преземат за спречување на злоупотреба на детскиот труд.

 

За да се обезбеди подобра заштита на децата Првата детска амбасада во светот - Меѓаши укажува на неопходност од синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите предвидени со Уставот и овие Конвенции.

http://www.woman.ch/children/1-introduction.php

http://www.woman.ch/children/1-coalitionmembers.php