Почетна » Архива » 2008

 
Силуваните деца препуштени сами на себеНиту некој не' побарал ниту не' прашал како сме по грозоморната сексуална тортура низ која поминало моето девојче, вели нашата соговорничка

Децата жртви на педофили се оставени сами да се справуваат со тешките трауми и психички нарушувања од сексуалното малтретирање, сметаат експертите. Тие ценат дека центрите за социјална работа реагираат несоодветно или површно.Мајка на деветгодишно девојче, кое цела година било силувано од својот татко, посведочи дека и по две години од настанот детето живее во стравови.

- Ќерка ми се плаши да излезе за да не го сретне татко си, кој се' уште не е во затвор, иако го осудија на три години - вели нашата соговорничка.Таа објаснува дека институциите утврдиле дека детето има и други тешки фобии и заостанува во учењето, но не помагаат да ги надмине.

- Ниту некој не' побарал ниту не' прашал како сме по грозоморната сексуална тортура низ која поминало моето девојче. Се' е оставено на мене, јас да се борам со нејзините на сила наметнати стравови. Помош барам од невладиниот сектор - вели таа.Од невладините организации потврдуваат дека надлежните институции реагираат само ако ги алармираат тие или медиумите, но дека набрзо се се враќа на површно работење.

- Често се случува центрите за социјална работа да не постапуваат соодветно. Има случај наместо насилникот педофил да се тргне од семејството, социјалните работници да ги земаат децата и ги носат во домот без родители, иако мајката сака да ги чува. Така децата двојно се трауматизирани. Еднаш кога се силувани, а потоа кога се одвојуваат од мајката и од домот - објаснува Гордана Пирковска-Змијанац, основач на Првата детска амбасада „Меѓаши“.Во друг карактеристичен пример, силуваното девојче со обилно крвавење, по малата лекарска интервенција се враќа во средината каде што е силувана, иако се уште не бил откриен силувачот.

Змијанац проценува дека социјалните центри не се соодветно екипирани, поради тоа не се мобилни, а и на тие што работат им треба доостручување.Во Министерство за труд и социјална политика, свесни за проблемите, заедно со други министерства донеле национален акционен план во кој се опфатени и справувањето и спречувањето на педофилијата.

- Центрите работат засилено, но имаат дефицит на кадри, па користиме услуги од здравствени институции. Направивме пресметка и доставивме до Владата барање за вработување на околу 60 социолози, педагози и психолози. Се надевам на позитивен одговор и дека ќе формираме 30 центри низ целата земја за поуспешно да се бориме со последиците од зачестените случаи на сексуално и друго насилство - вели Душко Миновски, потсекретар во Министерството.

Во развиениот свет жртвите добиваат вистинска помош
По откривањето дека детето е жртва на сексуално малтретирање, во развиените земји веднаш се формира тим - претставници од полиција, центри за социјална работа и од други институции - кој проценува како ќе и' се помогне на жртвата. Во почетокот се дава интензивна психијатриска и психолошка заштита. Тимот го следи развојот на детето, ако треба и по пет-шест години во кои помага за негова ресоцијализација и подигање во нормална личност. Само со таква темелна и осмислена активност детето-жртва на сексуален напад може да ги преброди големите трауми, објаснува Светлана Трбојевиќ, од Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет во Скопје.

Антонио Спасев

Dnevnik, 17.2.2009

http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=CEE027B74C79424E96B8E38DF7DC1033&arc=1