Почетна » Архива » 2008


Последна шанса за биолошките родители да го вратат чедото


Ако родителите се откажат од Бошко, ќе го изгубат родителското право


10.1.2009, Утрински весник

Снежана Калабакова

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=B21BE04CF0EE2547A082BC9AE1358783

Идната недела малиот Бошко го очекува конзилијарен лекарски преглед. Потоа за последен пат неговите биолошки родители ќе бидат прашани дали сакаат да го земат кај себе детето. Доколку дефинитивно се откажат, тие со потпишување изјави ќе го изгубат родителското право. Тогаш Бошко ќе може да биде посвоен.

Ова вчера го соопштија од Министерството за труд од каде што објаснија дека социјалните работници го одзеле детето од прилепското семејство затоа што Лоџеви прекршиле едно од правилата зацртани во договорот што го склучиле кога го згрижиле Бошко. Згрижувачите без да се консултираат со одговорните од Центарот ги повикале медиумите на одбележувањето на неговиот прв роденден.

Министерството и Републичкиот завод за социјални дејности за случајот ќе направат надзор и ќе ја преиспитаат работата на стручниот тим од Центарот за социјални работи во Битола.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши е изненадена од постапката на Центарот. Од  Детската амбасада Меѓаши сметаат дека треба да се поддржуваат и промовираат згрижувачките семејства, како дом семејство за секое дете кое ќе биде згрижено. Секако дека во таква средина дете ќе добие повеќе внимание и љубов, отколку во која било државна институција. Тука го вклучуваат и Домот за деца без родители „11 Октомври“ од Скопје за што неколку пати досега реагирале дека не се води соодветна грижа и нега за децата.

„Центарот за социјални работи како орган за старателство, насловен и во самиот Закон за семејство има исклучителна одговорност по однос на преземените мерки за заштита на правата на децата без родители и родителска грижа. Во тој контекст Центарот донесе решение за сместување на детето во Мајчин дом во Битола. Таму детето добро се развиваше. Барајќи постимулативна социјална средина, стручниот тим и старател од тимот се определија за згрижувачко семејство во Прилеп.

Со решение детето беше сместено таму. При неговото сместување Центарот направи договор со семејството во кој стоеја одредени права и обврски.

Една од обврските беше, доколку сакаат да ги вклучат медиумите во врска со Бошко, треба да побараат согласност од надлежниот орган. Тие го прекршија тоа правило“, објасни Душко Миновски, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика.

Од Детската амбасада МЕЃАШИ прашуваат дали е консултиран стручен тим при одземањето на детето од згрижувачкото семејство. Оттаму сметаат дека за него тоа претставува дополнителна траума, бидејќи се врши честа промена на местото на живеење. Според нив, ваквата постапка може да биде демотивирачка за другите згрижувачки семејства и потенцијални дом- семејства. Сметаат дека Центарот има обврска да му укаже на семејството за сериозноста на договорените права и обврски. Посебно за давање изјави во медиумите, а не веднаш да се оди на одземање на детето.

„Изненадени сме од постапката на Центарот за социјални работи од Битола, затоа што семејството Лоџеви веројатно имало добри намери да ја покаже нивната грижа за малиот Бошко. Досега имало многу официјални средби, снимени и документирани од медиумите каде што дом-семејствата биле присутни заедно со официјални лица од Министерството за труд и социјална политика. Тоа никому не пречело. Тука забележуваме и нецелосна принципиелност на Центарот“, коментира м-р Драги Змијанац, извршен директор на ДЕТСКАТА АМБАСАДА МЕЃАШИ.

Тој прашува зошто не се поведе постапка за одземање на малиот Ернест, кој исто така е згрижен во семејството Лоџеви, а неговиот идентитет е откриен? И дали е возможно без никаква одлука и решение во истиот ден да се одземе дете од згрижувачко семејство?

Според Змијанац, веројатно за добрите намери на медиумите и семејството да се одбележи роденденот на Бошко и да се афирмира во јавноста ова згрижувачко семејство ќе биде казнето токму детето кому правото за дом и семејство му е повредено.

„Институционалното згрижување во Домот за доенчиња во Битола за малиот Бошко не е вистинското решение. Треба да се постапи во интерес на детето“, нагласува извршниот директор на  Амбасадата Меѓаши.