Почетна » Архива » 2008


ИНТЕРВЈУ: ДРАГИ ЗМИЈАНАЦ, ДИРЕКТОР НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ - Вечер 13.10.2008 новинар: Даниела Трајковска



Во Данска педофилите се кастрираат


Европските законодавства немаат милост за педофилите. Се досудуваат најстроги казни, а доминира казна доживотен затвор. Во Норвешка на педофилите им се вградуваат локатори-микрочипови, а во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите повратници


Како невладина организација чија главна цел е заштита на правата и достоинството на децата директно се вклучивте во борбата против сексуалната злоупотреба врз малолетниците. Какви се вашите досегашни сознанија?
- Во светот околу еден милион деца годишно се жртви на сексуална злоупотреба, а светските податоци говорат дека само 30 отсто од случаите се откриваат. Статистиките покажуваат и дека децата од женски пол се петпати почесто жртви отколку децата од машкиот пол, односно секое трето девојче и седмо момче се жртви на педофили. Во 90 отсто случаи злоставувањето трае повеќе години, а во 10 проценти повеќе месеци. Пред само три месеци ФБИ откри прв интернет ланец на педофили каде децата жртви се од една до 9 години. Еден од случаите пријавени деновиве на СОС телефонот во Детската амбасада покажува дека таткото педофил и понатаму живее сам со помалата ќерка иако е осуден на затворска казна поради педофилија. Вториот случај се однесува на човек кој иако е осуден за родосквернавење, инцест, сепак е на слобода и по 3 месеци! Добивме и дојава од мајка чие 10-годишно девојче било заведено од непознат постар човек, кој го замолил девојчето да влезе во кола и да му покаже каде се наоѓа некој маркет. Притоа го одвел во подрум од некоја зграда каде му се нафрлил. Девојчето избегало, но бидејќи немало траги на насилство, во полицијата и кажале на мајката дека не може да се покрене постапка?! По два месеци истиот човек, успеал да силува друго девојче.

Дали педофилијата во Македонија изминатите годиини и месеци е во пораст или пак, сега многу поотворено се зборува на оваа тема, а случаите и јавно се изнесуваат преку медиумите?
- Македонија е една од земјите во кои педофилијата наместо да има негативен тренд, се зголемува. Во последните 6 месеци најмалата жртва имаше само 5 години, а најстариот педофил е старец од 72 години. Молкот и табуата за сексуалната злоупотреба над децата, за нивно подведување и трговија од страна на родителите, сега се урнати. Педофилијата била присутна и порано, но за неа не се говорело јавно од повеќе причини, односно од страв, срам и стереотипи дека детето жртва, посебно девојчињата треба да молчат за сексуалното насилство, најчесто од познати возрасни лица. Зачестените реакции за построго казнување на педофилите, барања за одземање родителско право на злоставувачи родители и поголема одговорност од државните институции, го подигна прагот на нетолерантност кон силувачите. Судиите прв пат годинава досудија две казни по 15 години на двајца педофили. Првата е за педофилот Јове Костадиновски кој насилството го повтори по трет пат на најсуров и свиреп начин држејќи во заложништво и сексуално изживувајќи се 23 дена на 13-годишно момче штитетник од Детскиот дом "11 Октомври" од Скопје и вториот за Трајче Петковски за силување на две 12-годишни девојчиња со пречки во развојот, од кои едното е неговата ќерка.

Дали според вас надлежните институции се соодветно екипирани со стручни лица и дали постои програма за решавање на траумите кои кај децата предизвикува вакво насилство?
- Се уште во Македонија не постои специјализирано прифатилиште за деца жртви на сексуална злоупотреба, кое ќе работи 24 часа. Детската амбасада Меѓаши започна соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа со цел овој директен сервис конечно да заживее и во Македонија, а децата жртви да добијат основни услови за закрепнување, рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција во заедницата. Неопходно е и формирање на тим од стручни лица за рано откривање и поддршка на жртвите. Престојот во ова прифатилиште треба да е од привремен карактер, што значи дека треба да се развијат форми на специјални семејства за згрижување на овие деца. Државата треба да подготви и програма за континуирана обука на стручни лица за препознавање на жртвите. Проблемот со давање изјави по неколку пати е исто така клучна точка на која треба да се посвети внимание. Не треба да се дозволи детето да дава изјави во полиција, во Центрите за социјална работа, па во судовите. Тоа треба да даде само една изјава, бидејќи секое навраќање на чинот на насилството е дополнително малтретирање за детето.

Од сознанијата што ги имате какви се последиците од ваквиот чин на сексуално насилство извршен врз малолетно лице и дали силувано дете може и самото да стане силувач кога ќе стане возрасно лице?
- За голем број случаи утврдено е дека насилниците на некој начин биле малтретирани или злоупотребувани од страна на родителите или други лица, или пак биле сведоци на злоупотреба. Најтежок вид злоупотреба на деца е сексуалната. Затоа е многу важно тие деца кои се злоупотребени што побрзо да почнат со психијатриска терапија, уште првиот ден по насилството, за да им се помогне во идниот период од животот и да се намалат траумите кои овие деца ги преживуваат.

Како родителите треба да делуваат превентивно за да ги заштитат своите деца или доколку се случи сексуално малтретирање врз нивните деца како треба да реагираат?
- Родителите треба секогаш да знаат каде им се децата и со кого. Треба да бидат претпазливи и по прашањето кому му ги доверуваат децата на чување. Педофилите знаат да бидат многу љубезни и внимателни со децата жртви се додека не ја добијат нивната наклонетост и потоа сексуално ги злоупотребат. Децата многу често даваат знаци дека нешто се случува со нив, но сите родители не ги препознаваат реакциите на нивните деца и не реагираат на време. Кога педофилот е лице познато на детето тогаш тој се обидува да го заплаши и збуни детето со закана за своите барања и често инсистира да биде тоа "нивна тајна". Родителите имаат посебна одговорност во грижата и заштитата на нивните деца. Притоа тие треба да разговараат со децата за сите проблеми.

Меѓаши побара доживотен затвор за педофилите. Има граѓани кои бараат смртна казна. Во Франција и Британија има барање за воведување казна кастрација. Како во европските земји и светот се казнува педофилијата?
- Европските законодавста, а и судиите во државите на Европската унија, немаат милост за педофилите. Се досудуваат најстроги казни, а доминира казна доживотен затвор. Америка се залага за повеќедеценски казни за педофилите. Во Норвешка на педофилите им се вградуваат локатори-микрочипови, така што органите за прогон знаат во секој момент каде се наоѓаат педофилите. Во Данска се врши хемиска кастрација над педофилите повратници, во Франција постои опција затвор-болница, а во Канада се практикува по отслужување казна затвор до 20 години, поранешните осуденици да бидат подложени на мерка социјално-судско следење. Еден елемент од оваа мерка е и мобилна електронска алка, која се приклучува на раката на повратникот од затвор. Полскиот премиер Доналд Тус се заложи за насилна хемиска кастрација на педофилите, но тоа не беше прифатено од опозициските партии кои сметаа дека со тоа се кршат човековите права, иако според направените истражувања околу 79 отсто од Полјаците се за кастрација на педофилите. Во земјите кои се сметаат за помалку цивилизирани, смртната казна е единствената пресуда за сторителите. Првата детска амбасада во светот Меѓаши повеќепати бараше од судиите да ги осудат педофилите со максимална казна доживотен затвор, бидејќи нема сигурни гаранции дека по напуштањето на затворот педофилот нема да го повтори делото.

Децата треба да се охрабрат да не молчат

Како да се охрабрат децата да не молчат за вакво малтретирање од страна на возрасните и што државата треба да преземе за да ги заштити и да им помогне?
- Ние ги охрабруваме децата жртви да не молчат, туку да им го кажат случајот на возрасните на кои им веруваат. Многу е важно децата да знаат дека имаат право на приватност. Доколку педофилот се обиде да ги нападне да викаат колку што можат погласно и да не престанат се додека некој не им помогне. Да бидат секогаш на сигурна оддалеченост кога разговараат со непознати. Никогаш да не прифаќаат подароци, ветувања, понуди за услуги кои од нив се бараат за влегување во автомобил, стан или непозната локација. Ако непознато лице ги фати, да се обидат да го збунат со удирање по осетливи делови од телото и да се обидат да запаметат што повеќе детали за насилникот, да го пријават во полиција или на СОС телефоните и да ги известат најблиските. Во училиштата, пак, треба да се спроведуваат едукативни програми за превенција на децата од сексуална злоупотреба. Државата, пак, треба да воспостави архива на информации од СОС телефоните, центрите за социјална работа, полицијата, училиштата и здравстевните институции на национално ниво за случаи на сексуална злоупотреба со цел превентивно посинхронизирано и оперативно да се делува.

Даниела ТРАЈКОВСКА
Фото:Ѕвонко Плавевски

http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=F053E5C567D68B4FB7E09031ABF0042D