Почетна » Архива » 2008


Децата од Македонија се вклучија во светската кампања за Oбразование

Децата од Македонија со симболично формирање на ланци-синџири на градските плоштади во повеќе градови ја одбележаа кампањата за нивно вклучување во образованието „Придружете се! Право на образование СЕГА!”, што ја организира Првата детска амбасада во светот - „Меѓаши“. Централниот настан на кампањата, што се одржа во Скопје, го посети премиерот Никола Груевски, при што ја потпиша гаранцијата поставена од организаторот за вклучување на сите деца во образованието. 


- Знаењето е моќ, богатство, сила која никој никогаш не може да ви ја земе, затоа е важно образованието, напиша премиерот Груевски во книгата за поддршка на кампањата.


При посетата тој истакна дека Владата преку Министерството за труд и социјална политика прави напори за вклучувањето на децата кои не се вклучени во образовниот систем. - Трагично е тоа што се работи за деца од сиромашни семејства, а знаеме дека најлесно да се излезе од сиромаштијата е со образование. За вложување во образованието секогаш може и подобро и повеќе да се направи, рече премиерот Груевски, кој најави дека од следната година ќе се спроведе проект со кој сите деца, чии родители се корисници на социјална помош ќе добиваат бесплатни учебници.


-Дури 50 отсто од граѓаните во Република Македонија имаат само основно или нецелосно основно образование што е поразително кога целиме да донесеме големи компании кои бараат луѓе со високо образование, рече премиерот Груевски, кој најави дека ќе биде разгледан и предлогот на Демократската обнова на Македонија за формирање на Министерство за наука.

Премиерот Груевски изјави дека Владата започна проект за изградба на околу 100-тина училишта, чија изградба треба да започне кон крајот на оваа година. Планирано е да се изградат и околу 180 спортски сали, од кои над 95 отсто се за училиштата, а нивната изградба треба да се заврши во 2009 година.


Владата инвестира во реконструкција на повеќе училишта, а се обидува, како што рече премиерот, да влијае и на квалитетот на образованието. -Од септември ќе се изучува англискиот јазик од прво одделение. Ќе има компјутери за сите ученици, а професорите ќе се обучуваат да предаваат наставни содржини со помош на комјутери. Од следната 2008 година средното образование ќе биде задолжително, а се воведува и верско обраование или запознавање со религиите, рече премиерот Никола Груевски.


Тој додаде дека е отворен тендер за училиштето во Радовиш што изгоре минатата година, ќе се гради и средно училиште во Шуто Оризари, а во Боговиње ќе се изгради ново училиште до крајот на годината.

 
Кампањата се презема во знак на солидарност со над 80 милиони деца во светот, односно над 18.000 деца во Република Македонија кои не одат во училиште. Според организаторот децата од Македонија со вклучувањето во светката кампања сакаат да ги потсетат одговорните дека имаат обврска преземена со Уставот на Република Македонија и со ратификација на Конвенцијата за правата на детето во македонското Собрание дека едно од основните права на децата е правото на образование. 

Целта на кампањата, според извршниот директор на Првата детска амбасада во светот- „Меѓаши“ Драги Змијанац, е децата да го искажат својот глас. -Тие тоа го сторија на најдобар можен начин. На летоците ја искористивме мислата на Нелсон Мендела која гласи: Ако се здружат децата од целиот свет ќе бидат помоќни од која било влада на светот, рече Змијанац.

Тој истакна дека сите писмени пораки на децата ќе ги испратат во Брисел на 2 мај и во најбогатите земји кои можат да сторат најмногу.

Во кампањата се вклучија училишта од Скопје, Куманово, Велес, Тетово, а во акцијата се придружија и општините Македонска Каменица, Неготино, Ресен, Демир Хисар, Струмица, Крива Паланка, Кривогаштани, Лозово, Пехчево, Ростуше, Битола, Велес, Тетово, Куманово, Кавадарци, Радовиш и од граѓански организации „Сончогледи“, „Мир“ и „Ел Хилал“, како и од над 50 основни училишта во Македонија. Партнер во кампањата е мобилниот оператор Космофон“.

(преземено од МИА)