Почетна » Архива » 2006

03.07.2006


До: Средствата за информирање

Почитувани, Првата детска амбасада во светот - Меѓаши и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија реагираат по повод прилогот "Сексуално насилство врз три сопствени ќерки" објавен на А1 Телевизија во саботата на 24.06.2006 од новинарката Маре Стоилова. Во прилогот беа интервјуирани две од ќерките кои сведочеа за инцест направен од страна на таткото над нивните три сестри. За овие случувања сведочеше и една од ќерките која успеала да се оттргне од сексуално насилство од таткото и при тоа не беше почитувана новинарската етика во вакви случаи при изјава на дете да се заштити неговиот идентитет на соодветен начин (со покривање или замаглување на лицето, мутирање на гласот или сл.).

Пред четири месеци упативме замолница до сите медиуми при известување за настани поврзани со деца да се почитува приватноста, идентитетот и интегритетот на децата. При тоа сметаме дека децата треба да се охрабруваат да проговорат за насилството и да го препознаваат, но тоа мора да биде професионално сторено од страна на новинарите со сите предвидени заштитни и технички средства со кои се гарантира приватноста и заштита на идентитетот и интегритетот на детето. Со ваков пристап во работата медиумите може многу да помогнат во документирање на насилството, негова превенција и да бидат партнери на граѓанските организации кои се борат за заштита и почитување на правата на децата.

Уште еднаш истакнувајќи ја нашата готовност за соработка со Вас посебно за овој тип случаи, исклучиво во интерес на децата слободни сме да Ве замолиме во иднина, при пренесување на изјави добиени од деца, да се користат предвидените заштитни методи. Извесно е дека и покрај вашата и нашата добра намера - може да се наштети на интегритетот на детето и тоа дополнително да биде стигматизирано и виктимизирано.

Во таа фунцкија, ве потсетуваме на:

член 3 од Конвенцијата за правата на детето
1. Во сите активности кои се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.

член 16 од Конвенцијата за правата на детето:
1. ниедно дете не смее да биде изложено на произволно или незаконско мешање во неговата приватност, семејство, дом или личната преписка, ниту на незаконски напади на неговата чест и углед.

2. детето има право на законска заштита против таквото мешање или напади

член 23 од Конвенцијата за правата на детето
1. Државите-членки признаваат дека детето со ментални или физички пречки во развојот треба да ужива целосен и достоен живот, во услови со кои се обезбедува неговото достоинство, се потикнува самостојноста и се олеснува активното учество на детето во заедницата.

Основните упатства и принципи на Меѓународната федерација на новинарите за известување за прашања во кои се инволвирани децата:
1. внимателно да ги земат предвид последиците од публикувањето на секаков материјал во врска со децата и на тој начин да ја намалат штетата врз децата;

2. да внимаваат да не користат визуелно или друго идентификување на децата доколку тоа не е очигледно во јавен интерес;

3. да осигураат независна верификација на информациите што ги дале децата и да водат посебна грижа верификацијата да не ги стави во опасност децата информатори;

4. да употребуваат чесни, отворени и недвосмислени методи за обезбедување слики и, таму каде што е можно, да ги добијат со знаење и согласност на децата или на одговорното возрасно лице, старател или лицето што се грижи за нив.

5. Медиумите не треба да ги земаат предвид и да известуваат за положбата на децата само како настан, туку треба постојано да известуваат за процесот кој може да доведе или води кон појавата на тој настан.

Во најдобар интерес на децата е да внимаваме на вакви подробности кои може да имаат негативен ефект токму над децата за кои се залагаме да ги заштитиме.

Ви благодариме за соработката и разбирањето.