Индивидуални донатори
Благодарение на донациите од граѓаните кои досега во најголем дел беа реализирани преку кутиите за донации успеавме да ја одржиме работата на АлоБушавко телефонот и плаформа за деца и млади, континуирано во функција од 1993 година. Значајно е да се наведе дека повеќе од 15 години оваа линија која е од круцијално значење за децата беше проектно непокриена и благодарение на донациите од граѓаните не запре во ниту еден момент. Ваквиот тип на донации исто така даде голем придонес во функционирањето на Социјалниот сервис преку кој со години континуирано се обезбедуваат облека и обувки а повремено и храна за ранливи категории деца. Дневниот центар кој повеќе не е во функција имаше значајна улога за повеќе генерации деца од општина Аеродром кои не одеа на училиште а истиот одреден период функционираше благодарение на поддршката од индивидуалните донатори.
Бескрајно сме благодарни што граѓаните ја препознаа потребата и важноста на овие сервиси и што несебично донираа во изминатиот период. На тој начин тие ни помогнаа да ја следиме мисијата и визијата на организацијата и тогаш кога беше најтешко и кога немаше други фондови за да се одржи работата на сервисите и да се даде поддршка на најранливите.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши ќе продолжи да ги следи потребите на децата и со вашата поддршка ќе овозможиме тие да го добијат она што им е потребно и тогаш кога нема проекти и средства обезбедени од домашни или странски донатори.
Обезбедените средства од индивидуални донатори може да се видат во нашите финансиски извештаи и преставуваат мал но значен дел од годишниот буџет на организацијата. Тие за нас преставуваат мотив да продолжиме, знак дека сме препознаен и корисен чинител во општеството и дека филантропијата постои и во нашата држава.
Во оваа категорија Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги вклучува и сите индивидуи кои несебично го вложиле своето време и знаење како донација за успешна реализација на нашите програми и сервиси а со цел: поправеден свет за секое дете.