Проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“, имплементиран од Првата детска амбасада во светот Меѓаши во партнерство со ИМПЕТУС - центар за интернет, развој и добро управување , претставува значаен чекор кон создавање побезбедна, покоординирана и одржлива дигитална средина за децата и младите во Македонија.

Општата цел на проектот е воспоставување на одржлив и интегриран национален сервис за безбеден интернет, кој преку мултисекторска соработка ќе обезбеди заштита, едукација и поддршка за деца и млади, придонесувајќи кон системска промена во дигиталната безбедност и зголемено граѓанско учество во креирањето политики.

Во таа насока, проектот се фокусира на неколку клучни специфични цели: проширување и унапредување на постоечките сервиси за дигитална безбедност; усогласување со европските пристапи преку отпочнување на процесите за воспоставување на првата национална хотлајн линија; како и поттикнување на интерсекторска соработка и застапување.

Клучна компонента на проектот е унапредувањето на платформата AloBushavko, која ќе прерасне во сеопфатен дигитален сервис за заштита на децата во интернет просторот, што ги обединува линијата за помош 116 111, советодавните услуги и механизмите за пријавување штетни онлајн содржини, вклучително и материјали со сексуална злоупотреба на деца (#CSAM). На овој начин, на едно место ќе бидат достапни алатки за превенција, пријава и поддршка.

Преку проектот ќе се започне со подготовка на дигитален сервис за пријавување CSAM како и обезбедување прва психолошка помош, ќе се унапреди функционирањето на доверливата линија „АлоБушавко“ https://alobushavko.mk/ , и ќе се зајакнат механизмите за советување и поддршка на деца, млади и родители.

Паралелно, се поставуваат темелите за воспоставување на првата национална хотлајн линија во земјата, преку изработка на сеопфатна физибилити студија, план за одржливост и насоки за усогласување со европските стандарди и практики.

Проектот исто така ќе придонесе кон зајакнување на мултисекторската соработка преку мапирање на релевантни чинители од институциите, граѓанскиот и бизнис секторот, организирање фокус групи и активно учество во национални и европски платформи и работни групи. Дополнително, ќе се обезбеди редовно известување за трендовите на насилство во дигиталниот простор преку полугодишни и годишни извештаи, како и јавни настани.

Во рамки на активностите, ќе се реализираат работилници за промоција на детските права во дигиталната ера, кампањи за подигнување на свеста, обуки за заштита на лични податоци и дигитална безбедност, како и изработка на прирачници за справување со ризици во дигиталниот простор. Особен фокус ќе биде ставен на јакнење на капацитетите на операторите и волонтерите на СОС линијата за поефикасно справување со случаи на сајбер насилство.

Оваа иницијатива е повеќе од проект – таа претставува системска инвестиција во зајакнување на заштитата на децата на интернет со посебен фокус на заштита од CSAM, унапредување на институционалната соработка и градење поцврста рамка за дигитално управување во иднина.

Проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“ се спроведува од декември 2025 година до ноември 2026 година, со вкупен буџет од 2.833.977 денари.

Остануваме посветени на обезбедување побезбеден интернет простор за секое дете и млад човек.

Проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“ е поддржан од Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, која ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Целта на програмата е општествените промени во Северна Македонија кои се водени од силен граѓански сектор, од активни граѓани и добра соработка со властите што резултира со проширен граѓански простор, поодржливи граѓански организации и потранспарентно, отчетно и општествено инклузивно владеење на централно и локално ниво.

    

Контакт лице за дополнителни информации:

Жарко Змијанац

В.д. оперативен директор

071 399 079

zarkozmijanac@megjashi.org.mk

Scroll to top