Почетна » Мисија и визија » Стратегиски план 2016-2020


Стратегиски план на Првата детска амбасада во светот Меѓаши 2016 - 2020

ИЗВРШНО РЕЗИМЕ

            Во пресрет на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј од основањето, Првата детска амбасада (ПДАС) „Меѓаши“ го изработува својот трет петгодишен Стратегиски план за периодот од 2016 – 2020 г.. Развивањето на планот е плод на партиципативен интерен процес со учество на вработените и претставниците на управните и надзорните тела на организацијата.

            Долгата транзиција, бавниот напредок на Македонија кон Европската унија и изострените услови за граѓанскиот сектор во земјата се клучните тековни карактеристики на окружувањето во кое делува ПДАС „Меѓаши“. Како акутен предизвик, во последните две години земјата е транзициска одредница за стотици илјади мигранти од Блискиот Исток и Африка. Прекршувањата на правата на децата, сиромаштијата и занемарувањето на прашањата поврзани со добробитта на децата и младите од страна на државата се клучните предизвици во полето на делување на организацијата.

            На позитивната страна, веќе подолга низа години ПДАС „Меѓаши“ е најпрепознаваната граѓанска организација во Македонија и организацијата во којашто граѓаните имаат најголема доверба. Ова претставува одличен социјален капитал што треба во иднина да се надградува и внимателно да се користи.

            За доближување на сопствената улога кон корисниците, целната група и општата јавност, ПДАС „Меѓаши“ ги појасни формулациите на организациската визија и мисија:

            Визијата на ПДАС „Меѓаши“ е поправеден свет за секое дете.

            Мисијата на ПДАС „Меѓаши“ е да ги застапува и заштитува правата на децата, да поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, да го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и да се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето. „Меѓаши“ го промовира мировното образование, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство и ги негува различностите и еднаквите можности за сите.

            Мотото е: Сите идеали на светот се побезначајни од солзите на едно дете.

            Клучните вредности и принципи на организацијата остануваат: партиципација, мир и толеранција, еднакви можности, волонтерство, отчетност, одговорност и непартизираност.

            Делувањето на ПДАС „Меѓаши“ во наредниот период ќе претставува придонес кон остварувањето на следните долгорочни цели на организацијата:

-       почитување и разбирање на правата на децата и детската личност;

-       промовирање (унапредување) на културата на мир и ненасилство;

-       зајакнување на граѓанската и општествената мобилизација за добробит на децата;

-       градење на функционални институции кои постапуваат во најдобар интерес на децата и

-       „Меѓаши“ е одржлива и проактивна организација, заснована на јасни вредности и добро организирана да нуди решенија и да иницира промени.

            Целна група на ПДАС „Меѓаши“ се сите деца и млади, со посебен фокус на маргинализираните групи на деца и млади.

            Организацијата ќе продолжи да работи на национално ниво во Македонија, но ќе соработува со партнери од странство и ќе спроведува активности во странство секогаш кога преку таквото делување ќе може да придонесе за подобрување на добробитта на децата. 

цел документ PDF