Почетна » За Амбасадата » Статут


Врз основа на Законот за здруженија на граѓани и фондации (Сл. Весник на Република Македонија бр.31/1998) и Одлуката за основање на ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ “МЕЃАШИ” РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, донесена на ден 29.04.1992 година, а согласно со ПОВЕЛБАТА И ОСНОВНИОТ АКТ НА ПРВАТА ДЕТСКА ЗЕМЈА ВО СВЕТОТ “МЕЃАШИ”, Колегиумот на ПРВАТА СВЕТСКА ДЕТСКА АМБАСАДА “МЕЃАШИ” во Република Македонија на ден 23.12.1998 година изврши усогласување на Статутот според Законот за здруженија на граѓани а истиот го измени и надополни на Седницата на Колегиумот оддржана на 10 март 2003.

С Т А Т У Т
на ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ”МЕЃАШИ” РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Член 1
ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА е меѓународна, невладина, непартиска и непрофитна хуманитарна организација за грижа, заштита и унапредување на правата на децата. 

Првата детска амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија е основана од: Гордана Пирковска-Змијанац  и Драги Змијанац во Скопје на 29.04.1992 година.

 
Член 2
Полниот назив на организацијата е: Прва детска амбасада во светот - Меѓаши, Република Македонија (во понатамошниот текст: Прва детска амабсада), а нејзиниот скратен назив (акроним) е ПДАСМ.

Седиштето на Првата детска амбасада е во Скопје.

Амбасадата е светско детско движење и има статус на граѓанско-правно лице и во рамките на тоа има свој печат и жиро сметка. Печатот содржи полн назив на асоцијацијата на кирилица-македонски јазик (за домашна употреба) и латиница - англиски јазик (за надворешна употреба):

 
ПРВА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ -  МЕЃАШИ 
 РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
 
FIRST CHILDREN’S EMBASSY IN THE WORLD - MEGJASHI 
 REPUBLIC OF MACEDONIA


Член 3
Првата детска амбасада дејствува во склад со Основниот акт на Првата детска земја на светот “Меѓаши”.

 
Член 4
Првата детска амбасада, во Македонија и светот формира, застапува, штити и доделува статус на Детска земја на територии кои се подарени или заветени на Првата детска амбасада за остварување на нејзините активности. Амбасадата управува со детската земја врз основа на посебен документ - Основен акт.


Член 5
Основните програмски задачи на Првата детска амбасада произлегуваат од Конвенцијата за правата на детето донесена од ООН и други меѓунардони документи кои се однесуваат на заштитата на правата на детето..

 
Член 6
Првата детска амбасада како невладина, непартиска и непрофитна асоцијација се занимава со хуманитарна, дипломатска, едукативна, социјална, културно-рекреативна дејност.


МИСИЈА


 Член 7
 
Првата детска амбасада е граѓанска асоцијација чија цел е заштита на децата и нивните права и  зајакнување на НВО движењето за правата на детето во Република Македонија. Амбасадата   се залага за почитување на детската личност преку заштита на нивните права, застапување на најдобри интерси  и збогатување на животот со содржини кои детсвото го прават сигурно и творечко. Амбасадата ги и поврзува децата од различни меридијани и го збогатува животот на децата со содржини кои детството го прават среќно, радосно и творечко.
 

Член 8
Генерална цел на Првата детска амбасада е: Заштита на правата на детето.


 Цели на Првата Детска Амбасада се:

  •  градење и зачувување на мирот
  • заштита на децата од воени судири и други конфликти
  • заштита од злоупотреба на децата за политички, економски, воени и сексуални цели, како и заштита од сите форми на злоупотреба на детскиот труд
  • заштита, помош и поддршка на деца и родители во кризни ситуации, хендикепирани деца, деца со низок социјален статус, деца на улица, улични деца, деца без родители и др.
  • подршка и зајакнување на НВОи и институции од областа на правата на детето
  • афирмирање и овозможување на креативна детска личност 

     
    Член 9
    Првата детска амбасада ја претставуваат:
  •   Почесни амбасадори, Почесни Вице Амбасадори, Почесни генерални конзули, Почесни конзули (за региони, држави и градови), Почесни вице конзули, постојани дипломатски претставници и Почесни членови на Колегиумот во земјата и странство
  •  Генерални конзулати, Конзулати и Конзуларни одделенија во светот
  • Координатори во градовите во Македонија
  • Канцеларии во светот

Колективни и поединечни членови (деца и возрасни) 

 
Член 10
Генералниот Конзулат, Конзулатите и Конзуларните одделенија во светот и во Р. Македонија дејствуваат во склад со Повелбата на ПРВАТА ДЕТСКА ЗЕМЈА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ, Правилникот за работа и Статутот на Првата детска амбасада.

Сите почесни амбасадори, почесни генерални конзули и конзули, постојни претставници и почесни членови на колегиумот дејствуваат во склад со Повелбата, програмските задачи и Статутот на Првата детска амбасада во светот.
 

ОРГАНИ НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА
 
Член 11
Органи на Првата Детска Амбасада се:

  • Колегиумот
  • Амбасадорот
  • Дете амбасадор
  • Вице Амбасадаор
  • Извршен директор
  • Извршниот колегиум
  • Програмски раководител

ПРАВА И ОБВРСКИ НА КОЛЕГИУМОТ

Член 12
Највисок орган на Првата Детска Амбасада е Колегиумот составен од 11 членови.

Во Колегиумот се бираат активисти, хуманисти, истакнати научни и културни дејци, спортисти и јавни работници признати од средината со мандат од 4 години со тоа што мандатот може да се обнови во зависност од ангажманот и резултатите во Првата детска амбасада. Членот на Колегиум има право да биде избран и да бира Амбасдор или Вице Амбасадор на Првата детска амбасада.
 
Член 13

Во составот на Колегиумот влегуваат  основачите.

Основачите имаат право на вето на одлуки кои ги донесува Колегиумот доколку сметаат дека истите се спротивни со мисијата, програмските задачи и цели на Првата детска амбасада.

Барање за свикување Колегиум може да поднесат и основачите.

 
Член 14

Колегиумот се состанува најмалку еднаш годишно.

Колегиумот го свикува Амбасадорот или во негово отсуство Вице Амбасадорот, на барање од најмалку 3 негови членови или на барање на Извршниот директор.

Колегиумот одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број присутни членови.

 Член 15

 Колегиумот

-         ја следи и унапредува работата на Првата детска амбасада,

-         ги потврдува и одобрува описните и финансиски извештаи

-         ги потврдува и одобрува одлуките донесени од Извршниот директор од важност за Амбасадата

-         наименува членови и почесни членови на Колегиумот,

-         разрешува членови или почесни членови кои не се придржуваат на Повелбата, Програмските задачи и Статутот на Амбасадата или кои не се ангажираат за остварување на истите.

-         ја усвојува годишната/тригодишната програма за работа на Првата детска амбасада како и одобрува нејзини измени и дополнувања

-         Номинира деца конзули во градовите на Р. Македонија

-         Номинира деца амбасадори во другите дражви во состав на детскиот дипломатски кор

-         се грижи за унапредување на сите форми на финасирање на Амбасадата.

 Надзорен одбор

 Член 16
 
Од активисти или јавни личности се бираат три члена кои ќе го сочинуваат надзорниот одбор. Надзорниот одбор има обврска најмалку еднаш годишно да го провери административното и финансиско работење на Амбасадата и да направи Записник и да го извести Колегиумот за тековната состојба.
 
Права и обврски на Амбасадорот

 Член 17
 
Амбасадорот раководи со Колегиумот.

За својата работа Амбасадорот е одговорен пред Колегиумот.

            Амбасадорот:

-         ги свикува седниците на Колегиумот

-         ја застапува Првата детска амбасада во земјата и странство
 

Права и обврски на Детето амбасадор
                                                                     
Член 18

Раководи со детскиот дипломатски кор на Амбасадата

Права и обврски на Вице Амбасадорот

 Член 19

Да ги повикува и води Седниците на Колегиумот во отсуство на Амбасадорот.

 
Права и обврски на Извршен директор

 
Член 20

            Извршниот директор е законски застапник на Првата детска амбасада.


Член 21
 
Извршниот директор:

-         е одговорен за програмското и материјално-финансиско работење на Амбасадата

-         е одговорен за реализација на статутарните, програмските и стратешките насоки и активности утврдени од страна на Колегиумот

-          е одговорен за изнаоѓање на финансии за реализација на програмските и проектни активности

-         се грижи за објективното и навремено информирање на јавноста,

-         се грижи за угледот на Амбасадата и нејзините членови во јавноста

-         одговорен е за реализација и подготовка на специјални настани кои помагаат да се унапреди самофинасирањето

-         ја следи реализацијата и спроведувањето на Програмските задачи, Повелбата, Статутот и Правилникот за работа кај Конзуларните одделенија, Канцелариите, Конзулатите и Генералните Конзулати и работата на координаторите

-         дава мислење до Колегиумот за утврдено непочитување и кршење на актите на Амбасадата

-         дава предлог за одземање акредитивни писма, печати, ополномоштувања и одлуки за работа на Претставништвата и натамошно застапување на Амбасадата, а на координаторите им го одзема правото на застапување во местото на работа и живеење,

-         ги потпишува дипломатските пасоши,

-         донесува одлуки од важност за Амбасадата

-         одобрува реализација на проекти

-         раководи со дипломатскиот сервис

-         предлага номинација за почесни членови,

 
Права и обврски на Извршен колегиум

Член 22

Извршен орган  на Првата детска амбасада е Извршниот колегиум.

Извршниот колегиум го сочинуваат: извршниот директор, програмскиот раководител, раководителите на секторите администрација, финансии и логистика и  по потреба проект раководителите и проектните координатори.


Член 23

 Извршниот колегиум се состанува најмалу еднаш неделно.

Состаноците на извршниот колегиум ги свикува извршниот директор или во негово отсуство програмскиот раководител.


Член 24
 
Извршниот колегиум:

-         е надлежен да ги спроведува одлуките на  Колегиумот и Извршниот директор.


Права и обврски на Програмскиот раководител
 
Член 25
 
Програмскиот раководител:

-         се грижи за спроведување на Програмата на Првата детска амбасада во светот

-         ја следи работата  на стручните служби и центри во рамките на Амбасадата,

-         ја подготвува програмата за работа на Амбасадата за секоја наредна година,

-         ги разгледува предлог проектите и ги доставува до Извршниот директор

-         го известува Извршниот колегиумот/директор за работата на службите и центрите на Амбасадата,

-         ги подготвува описните годишни извештаи за Колегиумот

-         предлага ангажирање или вработување на волонтери по основ договор за дело или вработување со времен карактер
 
Член 26

Во рамките на активностите на Првата детска амбасата се формираат стручни служби.

Со стручните служби раководат раководителите или проектни  координатори.

Структурата и начинот на ангажирање на волонтери во стручните служби се уредува со посебен правилник.

ЧЛЕНСТВО

Член 27

 Член на Првата детска амбасада може да биде државјанин на Р.Македонија и странски државјанин кој ги прифаќа основните документи на Првата детска амбасада.

Статусот на член се потврдува со врачување на дипломатски пасош или членска карта од Првата детска амбасада.

Член 28

Членството во Првата детска амбасада е почесно, колективно и индивидуално.


Член 29
Почесното членство го утврдува Колегиумот.

Статусот на почесен член се потврдува со врачување на дипломатски пасош.

Првата детска амбасада номинира почесни членови од земјата и странство за особен придонес во афирмација на идејата на Првата детска амбасада и лица кои се грижат за заштита и спроведување на правата на децата во земјата каде што работат и живеат.

Амбасадата именува и номинира почесни Амбасадори, почесни генерални конзули, почесни Козули за региони и држави и Вице конзули, постојани претставници и почесни членови на Колегиумот.

За сите почесни членови се води регистар со куса биографија и слика на корисникот на пасошот.

Почесното членство во Првата детска амбасада трае 4 (четири) години со можност за реизбор и продолжување на важноста на дипломатскиот пасош.

Корисникот на дипломатскиот пасош  уплаќа членарина во висина утврдена од страна на Извршниот директор.

Член 30


Колективни членови можат да бидат граѓански организации, претпријатија, заводи и други организации кои даваат посебен придонес за заштита на правата на децата, кои се грижат за нивната рекреативна, социјална, едукативна и културна активност.

Колективното членство се потврдува со врачување Одлука за колективен член.

Колективниот член уплаќа годишна членарина во висина утврдена од страна на Извршниот колегиум за тековната година.
 

Член 31

Индивидуален член може да биде секое дете до 18 години кое ги прифаќа и се придржува на Повелбата, Програмските задачи на Првата детска земја во светот Меѓаши и Првата детска амбасата во светот Меѓаши.

Секој член потполнува пристапница за зачленување во амбасадата каде ги наведува своите афинитети за ангажман во Амбасадата.

Членството кај децата членови се потврдува со уплата на годишна членарина утврдена од страна на Извршниот колегиум и со заверена членска карта со впишан регистерски број, слика на членската карта и печат од Амбасадата.

Член на Амбасадата може да биде и лице над 18 години доколку ги прифаќа се придржува на основните документи на Амбасадата. Членството кај возрасните членови се потврдува со врачување на пристапница со регистерски број и врачување на членска карта на Амбасадата.

Децата чии родители примаат социјална помош, децата бегалци и децата без родители се ослободени од членарина.

 
Член 32

Членот на Првата детска амбасада ги има следниве права и обврски:

-         да учествува во остварувањето на програмските цели и задачи на Амбасадата;

-         да бира и да биде биран во органите на Амбасадата;

-         да се обраќа на органите на Амбасадата заради заштита на своите права:

-         да дава предлози и покренува и спроведува иницијативи за подобрување на работата на амбасадата;

-         да биде информиран за сите прашања во врска со дејствувањето на Амбасадата;

-         со своето однесување да придонесува за угледот на Амбасадата во местото на учење, работа и живеење.


Член 33

Почесниот, колективниот или индивидуалниот член престанува да биде член на Амбасадата ако постапува спротивно основните документи на Првата детска амбасада, како и  во случај кога не се ангажира во спроведувањето на основните документи, програмските задачи и определби на Амбасадата.

Одлука за тоа донесува  Извршниот директор или Колегиумот.

При исклучување од Амбасадата дипломатскиот пасош и членската карта задолжително се враќаат.

 
ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА
 
Член 34

            Програмските задачи и активностите на Првата детска амбасада се финансираат од сопствени извори по пат на проекти, спонзорства, донаторство, доброволни прилози на граѓани, членарина и на други начини предвидени со Закон.


Член 35

 
            Финансирањето од сопствени извори го остварува по пат на спортски манифестации и концерти, аукции на слики, лицитација на вредни предмети, издавачка дејност, туристички активности, членарина и друго.

           
ПРЕТСТАВУВАЊЕ
 
Член 36

             Првата детска амбасада во светот Меѓаши - Република Македонија во земјата и странство ја претставуваат: Амбасадорот, Вице Амбасадорот, Детето Амбасадор, Извршниот директор и Програмскиот раководител.

            Во одредени случаи Првата детска амбасада може да ја претставуваат и лица овластени од Амбасадорот, Вице Амбасадорот, Детето Амбасадор, Извршниот директор.

 
Член 37

            За сите активности што ги презема Амбасадата јавноста ќе биде информирана со писмени информации и соопштенија, прес  конференци, одбележување на годишнини од центрите и стручните служби кои работат во Амбасадата, одбележување на годишнините на Првата детска амбасада во светот Меѓаши и одбележување на позначајните светски детски манифестации во Македонија и светот.

            Единствени овластени лица за информирање се: Амбасадорот, детето Амбасадор, Вице Амбасадорот, Извршниот директор кои имаат обврска за овие активности да го информираат Колегиумот. Во одредени случаи со одобрение на Извршниот директор јавноста може да ја информираат и други лица.

 
ДРУГИ ОДРЕДБИ

 Член 38

За реализација на програмите и активностите се регрутираат волонтери кои се обучуваат и ангажираат во реализација на истите. Волонтер во првата детска амбасада може да биде секое лице кое ги прифаќа основните документи на Амбасадата и кое со своето работење ќе придонесува за остварување на програмските задачи и цели на Амбасадата.

Член 39

Првата детска амбасада издава дипломатски пасоши на  дипломатскиот кор на Амбасадата, како и на Амбасадорот, Вице Амбасадор,  Децата Амбасадори, Децата Конзули, Членовите на Колегиумот како и на основачите.

 ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
 
Член 40

            За измените и дополнувањата на Статутот одлучува Колегиумот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

 
Член 41
 
Одлуката за престанок на работата на Првата детска амбасада ја донесува Колегиумот.

Оваа одлука Колегиумот може да ја донесе во одредени случаи: ако за тоа одлучат две третини од членовите на Колегиумот, ако се намали бројот на членовите под бројот определен за оснивање и ако нема средства за одржување на тековното работење на Амбасадата.

Пред укинување на работата на Амбасадата се продава оној дел од подвижниот и неподвижниот имот во висина на долгот што Амбасадата го има, доколку го има, сторено во нејзината работа спрема доверителите, неисплатените фактури, хонорари, позајмици и слично.

Средствата што Амбасадата ги стекнала и имотот при претсатнок на работа може да се подарат на други хуманитарни или невладини организации или поинаку како што ќе решат  со одлука Колегиумот  или основачите на Амбасадата.
 
Член 42

Измените и дополнувањата на Статутот стапуваат во сила со денот на неговото донесување и верифицирање од страна на Колегиумот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши - Република Македонија.

  
    м-р Драги Змијанац                         
   Извршен директор-основач