Почетна


 

 

25 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО И ДЕЛУВАЊЕТО НА ПРВАТА ДЕТСКА АМБАСАДА ВО СВЕТОТ МЕЃАШИ – 25 ГОДИНИ ПОПРАВЕДЕН СВЕТ ЗА ДЕЦАТА

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ е најстара граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето, основана на 29ти април 1992 година од страна на Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац. Меѓаши ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит на детската личност. Меѓаши континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за правата на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата го промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство.

Меѓаши со своите активности придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права. Taa го сруши молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.

Како резултат на исклучително посветената и макотрпна работа, во текот на нејзниото 25 годишно постоење Меѓаши израсна во светски позната и призната организација за заштита на децата и воопшто детските права.

 

Во изминатиот период (1992-2017) Амбасадата ја остварува својата дејност делувајќи во следните сфери: психо-социјална, правна и др. видови поддршка на деца кои имаат потреба од помош со посебен акцент на маргинализирани групи деца; мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко; преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација и активности за градење на мирот и ненасилна разработка на конфликти. Овие домени остануват од примарен интерес и во наредниот период.

 

Најзначајни резултати во изминативе 25 години:

1992-1997 | Веднаш по започнувањето на кризата во Босна и Херцеговина, Првата детската амбасада даде апел за поддршка и организираше прифаќање на децата бегалци, дестинации во странски земји, хуманитарна помош и креативни активности со што им помогна на шеесет илјади деца бегалци;

1993-2007 | Амбасадата го отвори првиот дежурен СОС телефон за деца и млади и психолошко советувалиште во Република Македонија. Во 2005 од Македонски телекомуникации го добивме бројот 0800 1222 и на тој начин им овозможивме на децата нивните јавувања да бидат бесплатни.

1994 | започна со лобирање за ратификување на Хашката Конвенција за граѓанско-правните аспекти на меѓународни грабнувања на деца. Во 1995 г. оваа Конвенција беше ратификувана од Собранието на Република Македонија;

1996 | започна со лобирање за воведување на институцијата Детски омбудсман. Во 1999 г. Република Македонија воспостави Народен правобранител лице надлежно за правата на детето;

1997 | Амбасадата Меѓаши пристапи како придружна членка на Defence for Children International и оформи Комитет на DCI во Македонија. Во 1999 г. овој Комитет се регистрира како посебна НВО за правата на детето - Здружение за заштита на правата на детето;

1997-2002 | Амбасадата формираше Македонска национална коалиција за правата на детето (28 НВОи), со Секретаријат во Амбасадата Меѓаши; Оваа коалиција достави и алтернативен извештај за состојбата со правата на детето во Комитетот за правата на детето во Женева;

1999 | Првата детска амбасада како национален координатор се придружи на семејството Global March Against Child Labour, одржуваjќи акција за подигање на јавната свест против експлоатација на детскиот труд и вклучување на сите деца во образование.

1999-2000 | Амбасадата Меѓаши им даде поддршка на децата бегалци од Косово, пружајќи им заштита на психосоцијален план; Беа опфатени сите кампови во Македонија каде што беа згрижени децата бегалци од Косово.

2000-2001 | Кампања за ратификација на Конвенцијата 182 и Препораката 190 за итно елиминирање на најлошите форми на детски труд. Во 2002 г. Собранието на Република Македонија ги ратификува истите;

2001- 2006 | Oтворено е Прифатилиште за деца во кризна состојба, во кое се згрижени 16 раселени лица од с. Арачиново, од кои 8 се деца. Три од нив се родија во прифатилиштето. Тие сеуште се во нашето прифатилиште.

2001 | Амбасадата Меѓаши ја добива наградата за граѓанско општество и демократија, за долгогодишен придонес во изградбата на граѓанското општество во Република Македонија. Наградата е доделена од страна на МЦМС;

2001-2004 | Амбасада го оформи Сојузот на детски организации на Република Македонија и го креира и објави првиот КОДЕКС на НВОи за правата на детето кај нас. 2001-2002 г. Амбасадата покрена иницијатива за измена на даночните закони што се однесуваат на непрофитните организации популарно наречен 1%;

2002-2006 | Започна програмата за ненaсилна разработка на конфликти во средните мултиетнички училишта во Република Македонија;

2004 | Амбасадата ја издаде кннигата “Заштита на правата на децата” како преглед на состојбата на децата во Република Македонија каде авторката Милица Панева предлага одредени заклучни сугестии и препораки за подобрување на состојбата на децата во Република Македонија

2005 | Реализирана е светската кампања за вклучување на децата во училиште „Global Campaign for Education”, како и обука за ненасилна разработка на конфликти на која учество земаа наставници и ученици од повеќе мултиетнички средни училишта.

2006 | Амбасадата комплетно опреми еден стан со мебел и друга покуќнина која е идно живеалиште на четирите младинки Фатима Ајдар, Александра Спасовска, Сања Спасовска и Надира Бајрамовска до нивната 26-та година. Станот го додели Министерството за труд и социјална политика, а неговото опремување е финасирано од Проект за развој на општините (ПРО) Министерство за финансии-Светска Банка.

2007 | Амбасадата ја започна годината со кампањата “Стоп на насилството на децата“ и “Дали денес го гушнавте вашето дете“. Ова беше реакција на последните претепувања до смрт над 3 годишно и шестмесечно дете. Како резултат на бројките на пораст на пријавување на насилство на 20% од вкупниот број на пријавувања на случаи на нашиот СОС телефон за деца и млади 0800 1222 кој е бесплатен за сите деца во Македонија.

2008 | Меѓаши ја започна борабата против педофилија, родосквернавење и сексуално злоставување на децата во Македонија. Упати бројни рекации, барања за одговорност и писмени претставки до Народниот правобранител, Јавниот обвинител за непочитување и кршење на правата на децата. Ја започна иницијативата за зголемување на казните за овие кривични дела на минимум 15 години затвор до доживотен затвор. Напорите на застапување и лобирање за построго казнување на педофилите беа прифатени од Министерството за правда на Република Македонија и казните за сексуално злоставување на деца од страна на педофилите беа зголемени на минимум 10 години затвор.

2009 | Во рамките на проектот „Градење култура на детско учество“, финансиран од ЕУ, а кофинансиран од УНИЦЕФ беа организирани бројни тренинзи, работилници, летни кампови и други форми на охрабрување на децата и младите за активно учество во донесувањето одлуки кои се од нивен интерес, како и во иницирањето на позитивни општествени промени. Во завршната фаза на проектот беше организирана „Првата национална конференција за детско учество„ која беше организирана и водена од самите деца.

2009 | По повод Светската кампања за образование на 22 април на плоштадот во Скопје децата маршираа со транспаренти со испишани пораки за правото на сите деца на образование и писменост. Педесет деца остварија средба во Собранието на Република Македонија со членовите на Собраниската комисија за образование, наука и спорт, како и со Министерот за образование и наука. Децата разговараа и поставуваа прашања во врска со образованието и за заложбите на институциите за вклучување на сите деца во образованието.

2010 | Детската амбасада Меѓаши иницираше и организираше подготовка на Детски алтернативен извештај во соработка со деца членови на 7 локални партнерски организации. Во истиот извештај децата ги изразија своите мислења и ставови по низа прашања и дадоа препораки за подобрување на состојбата на децата во Република Македонија. Ова е за првпат во Република Македонија деца да подготват нивен извештај и истиот да го застапуваат пред Комитетот за правата на детето при Организацијата на Обединетите нации. Истата година, Детската амбасада Меѓаши организираше и подготовка на алтернативен извештај од страна на Македонската национална коалиција за правата на детето која е формирана од страна на Меѓаши во 1997 година. Во подготовката на тој извештај учествуваа 21 граѓанска организација.

2010 | На 3 фебруари 2010 година, на 54-та предсесија на Комитетот за правата на децата при ОН во Женева, тројца претставници од Македонската национална коалиција за правата на децата (23 граѓански организации) ги презентираа Алтернативните извештаи за состојбата со правата на децата во Македонија пред членовите на Комитетот.

Две деца претставници имаа посебен состанок со членовите на Комитетот на кој го претставија нивниот Детски алтернативен извештај - изработен од самите деца.

2011 | Во истражувањето наменето за „Довербата во граѓанското општество“ и „Познавањето и мислењата за граѓанските организации“ Првата детска амбасада во светот според анкетираните граѓани е на прво место во однос на довербата на граѓаните, второ место како пример на најуспешна организација и второ место според степенот на запознаеност на граѓани со нејзиното постоење и работа.  

2012 | Проблемите со кои се соочуваат младинците по напуштањето на установите за згрижување на деца и младинци без родители и родителска грижа се мотив за Првата детска амбасада во светот – Меѓаши неколку години наназад да иницира активности во насока на поддршка во решавањето на овие проблеми. И оваа година, активностите за психосоцијална и едукативна поддршка на децата без родители, продолжија. Направиме и напори за  потикнување на социјално одговорните компании во Македонија да ги вработуваат и да им даваат предност, а ако тоа не е можно барем да овозможат еднакви можности при вработувањето.

2013 | Првата детска амбасада во светот Меѓаши, како и во претходните истражувања (2007, 2008, 2010) е рангирана на прво место по односот на позитивно мислење на граѓаните за граѓанските организации. Извештајот е нарачан од страна на проектот „Техничка поддршка за граѓанските организации (ТАКСО)“, финансиран од Европската Унија, а подготвен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

2014 | Силното застапување, залагање и лобирање на Првата детска амбасада Меѓаши за постого санкционирање на сексуалните злосторници, родосвернувачи, педофили, посебно кон деца под 14 години вродија со плод, Собранието на република Македонија ги прифати и вгради нашите препораки со измените и дополните во Кривичниот законик. Она што се залагавме беше прифатено, медикаментна терапија или хемиска кастрација, минимум 15 години до доживотна казна затвор.

2014 | Првата детска амбасада во светот Меѓаши е првата граѓанска организација која во република македонија која го доби Сертификатот ISO 9001:2008 за систем за квалитет на менаџменет.

2015 | Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ поддржа повеќе граѓански иницијативи: среношколскиот пленум, група на Здруженија за поддршка на деца и возрасни со здравствени проблеми и поддршка на граѓанската иницијатива на група родители за воведување на 50/50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство и заедничка одговорност на двата родитела за правилен раст и развој на децата после развод.

2016 | Во септември 2016 година Првата детска амбасада во светот Меѓаши започна кампања за подигање на свеста за значењето на воведувањето на Образованието за мир/мировното образование во воспитно-образовните институции во Република Македонија. Кампањата претставуваше можност да се мобилизира јавноста, бидејќи мировното образование се темели на потребата од превенција на насилството и превенција на можни нови судири. Поставувајќи го мировното образование како составен дел на образованието, почнувајќи од предучилишното, па нагоре, ќе резултира со намалување на насилствата во училиштата и зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и учениците во поглед на надминување на конфликтите, разработувајќи ги истите по ненасилен пат.  

2016 | Шокирани од последиците настанати како резултат на поплавата во Скопје и Скопско, како и од фактот дека меѓу жртвите имаше и деца,  Детската амбасада Меѓаши упати апел со кој информираше дека сите свои активности ги пренасочува за помош и поддршка на децата погодени од поплавата.

Во основното училиште ,,Кирил и Методиј” во с. Стајковци, Детската амбада Меѓаши и ЈЗУ Универзитетската клиника за дерматологија отворија медицински пункт каде за децата се обавуваа прегледи и медицинска заштита. Волонтерите континуирано носеа помош, разговараа со родителите, баравме евакуација, алармиравме, обезбедувавме медицински екипи, правевме списоци на деца и ги повикувавме на преглед кај педијатри, сѐ со цел да влијаеме превентивно, да не се случи епидемија или уште други страдања, особено кај децата.

2017 | Првата детска амбасада во светот Меѓаши ја поддржа граѓанската иницијатива – Пoсвoените децa имaaт прaвo дa знaaт кoи им се биолoшките рoдители. Ставот на Детската амбасада Меѓаши е дека детето треба да ги знае своите родители. Потребни се измени на Законот за семејство, со што ќе се овозможи посвоените деца да го дознаат своето генетско потекло, бидејќи тоа е суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца.

2017 | Со цел поддршка и подигање на јавната свест, особено кај помладата генерација за состојбата во која се наоѓаат нивните врсници од Сирија и воопшто бегалците, како и истакнување на потребата од солидарност и помош на луѓето кои страдаат од војна, Здружението на граѓани „Легис“ и Детската амбасада Меѓаши во февруари 2017 година ја започнаа кампањата „Македонија со љубов за Алепо“. 

Во рамките на Неделата на солидарност со децата бегалци од Сирија (од 27.2.2017 до 5.3.2017), преку бројни активности во училиштата низ Македонија децата и младите беа запознаени како може да им се помага на луѓе во неволја, да се организираат хуманитарни акции и други форми на искажување солидарност, развивајќи емпатија, иницијативност, хуманост и многу други вредности кои сакаме да ги поддржиме кај децата. Дел од кампањата беше насочен кон собирање финансиски средства од граѓаните и бизнис секторот, како симболична хуманитарна помош од граѓаните на Македонија за децата бегaлци од Сирија.Овие активности беа разлизирани во Скопје, Велес, Гостивар, Дебар и Тетово.

 Цитат од Повелбата на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши

“Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човекови трагедии. ДЕЦАТА СЕ САМО ДЕЦА. СИТЕ ИДЕАЛИ НА СВЕТОТ СЕ ПОМАЛКУ ЗНАЧАЈНИ ОД СОЛЗИТЕ НА ЕДНО ДЕТЕ”

 

Прва детска амбасада во светот Меѓаши

+ 389 (02) 2465 316

е-mail first@chidrensembassy.org.mk

www.childrensembassy.org.mк